Достапни линкови

Грција, кинески мост до Балканот


Грчкиот премиер Папандреу и кинескиот вицепремиер Деџијанг во Атина
Грчкиот премиер Папандреу и кинескиот вицепремиер Деџијанг во Атина

Кина планира големи инвестиции во, со долгови погодената, Грција. Кинеска делегација во Атина, деновиве потпиша неколку договори во вредност од повеќе милијарди евра за проекти во областа на превозот, логистиката и туризмот. Зошто кинезите го избраа овој момент за да инвестираат во земја чии проблеми се толку сериозни и ги тресат глобалните пазари?

Кина сигнализира дека ќе и даде глас на доверба на, со криза зафатената, Грција, откако потпиша инвестициски зделки во вредност од неколку милијарди евра.

Во време кога Грција е принудена да го прифати финансирањето од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд за да излезе од должничката криза, Kинезите ќе вложуваат во туризам и телекомуникации.

Некои од договорените проекти вклучуваат изградба на серија од суперголеми товарни бродови, изградба на голем хотел и трговски комплекс во пристаништето Пиреја, како и размена на технологија меѓу грчки и кинески телекомуникациски компании.

Британскиот весник „Гардијан“ цитира грчки официјални лица кои велат дека 14-те договори се најголемиот инвестициски пакет на Кина во Европа, досега.

Вицепремиерот на Кина, Џанг Деџијанг во Атина отворено изјави дека намерата на Пекинг е да и помогне на Грција во моментот кога таа се наоѓа во акутна криза.
Британскиот весник „Гардијан“ цитира грчки официјални лица како велат дека 14 те договори се најголемиот инвестициски пакет на Кина во Европа
досега.


Тој е уверен дека Грција може да ги надмине сегашните економски проблеми, при што најави дека кинеската влада ќе ги охрабри кинески бизнисмени да дојдат во Грција за да бараат нови можности за инвестирање.

Сето ова доаѓа во време кога меѓународниот пазар стравува дека грчкиот колапс ќе ја поткопа довербата во единствена валута на Европската унија.
Јоргос Папандреу

„Грција прави големи промени и ние сме на вистинскиот пат. Добро ја спроведуваме нашата програма за реформи. Но, грчкиот случај покажува дека ни треба покоординирана политика во Европа“, вели грчкиот премиер Јоргос Папандреу, опишувајќи ја ситуацијата во неговата земја каде што, во меѓувреме, болката продолжува.

Имено, Агенцијата за кредитен рејтинг Мудис, во понеделникот, соопшти дека грчкиот рејтинг е намален до ниво на кое на некои институционални инвеститори повеќе нема да им биде дозволено да го купуваат грчкиот долг.

Тогаш, зошто Кина го направи овој чекор сега?

Тоа е во согласност со утврдената шема на Пекинг што ја користи во земјите во развој, особено во Африка, за да се појави како добротвор.

Кина пристигна на сцената во Грција, во време кога може да извлече максимална благодарност од грчката влада и народ, а во исто време и да го смири можното незадоволство за растечкото економско кинеско влијание во светот.

Кинезите се тврдоглави реалисти и во Грција препознаа идеално отворена врата за извоз на целата балканска територија. Всушност, тие решија да изградат мост до Балканот во моментот кога тамошните услови се најповолни.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG