Достапни линкови

Вести

Новинарот на Лајм пуштен на слобода

Новинарот-практикант на весникот Лајм на албански јазик, Бесим Ибраими, кој беше уапсен за време на вчерашните протести пред Општина Чаир денеска е пуштен на слобода, информира претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

„Судијата во претходна постапка го одбил барањето на обвинителот за притвор и му одредил времена мерка да се јави еднаш неделно на суд и да му биде одземен пасошот. Од утре истражната постапка продолжува со прибавување на докази и на крај обвинителот ќе одлучи дали ќе покрене обвинителен акт или не. Одлуката на судијата секако е за поздравување. Очекуваме на крајот на постапката обвинителот да не покрене обвинителен акт против колегата“, вели Селмани.

види ги сите денешни вести

По признавањето на Палестина, Шпанија тврди дека одлуката да не го признае Косово останува иста

Ставот на Шпанија за признавање на независноста на Косово од Србија останува непроменет, соопшти шпанското Министерство за надворешни работи во вторник, 28 мај, по објавувањето на одлуката Мадрид да ја признае палестинската држава.

Од Министерството за надворешни работи на Шпанија за РСЕ посочија дека двете ситуации се многу различни.

„Признавањето на државата Палестина не влијае на територијалниот интегритет на Израел, бидејќи оваа територија никогаш легално не била дел од државата Израел“, рече портпаролката на министерството Елена Алјарила Кортезон во одговор за РСЕ.

„Одлуката на Шпанија да ја признае државата Палестина има за цел да го поддржи меѓународното право, принципите на Повелбата на Обединетите Нации (ОН) и резолуциите на Советот за безбедност на ОН“, додаде Алјарила Кортезон.

Шпанија им се придружи на Ирска и Норвешка на 28 мај во официјалното признавање на палестинската држава. Израел ја критикуваше одлуката, карактеризирајќи ја како „награда“ за Хамас, кој беше прогласен за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.

Повеќе од 140 земји од вкупно 193 во Генералното собрание на ОН сега ја признаа Палестина како независна држава.

Шпанија, Ирска и Норвешка истакнаа дека веруваат оти нивната иницијатива има силно симболично влијание што веројатно ќе ги охрабри другите да го следат примерот.

„Признавањето на државата Палестина не е само прашање на историска правда, со легитимни аспирации на палестинскиот народ, туку е и императив за постигнување мир. Тоа е единствениот начин да се реализира решението што сите го препознаваме како единствено можно за постигнување на мир - палестинска држава која коегзистира заедно со државата Израел во мир и безбедност“, рече шпанскиот премиер Педро Санчез на 28 мај.

Од друга страна, Косово ја прогласи својата независност од Србија во 2008 година. Србија, Русија и Кина се меѓу оние кои одбиваат да го признаат, заедно со дел од земјите-членки на ЕУ, како што се Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка.

Прашањето за признавањето на Косово од страна на Шпанија во светлината на нејзиното признавање на Палестина се појави на состанокот на министрите за надворешни работи на 27 мај во Брисел.

Поранешниот амбасадор на Шпанија во Белград, Раул Бартоломе Молина, минатата година, непосредно пред Мадрид да го преземе претседавањето со Европската Унија, изјави дека ставот на неговата земја е да не ја признава независноста на Косово, истовремено поддржувајќи ги напорите на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

„Оваа позиција не се промени, ниту ќе се промени, а сите наши партнери многу добро го знаат тоа“, рече Бартоломе на 30 јуни 2023 година.

Се наближува пресудата на Трамп, завршни зборови во историското судење

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп го напушта Кривичниот суд на Менхетен по судењето. Њујорк, 21 мај 2024 година.
Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп го напушта Кривичниот суд на Менхетен по судењето. Њујорк, 21 мај 2024 година.

Обвинителите ќе ги изнесат своите завршни зборови пред поротата денеска на 28 мај, на судењето против Доналд Трамп (77), во историско долг судски процес на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), пренесува АФП.

Последните зборови пред судот во Њујорк ќе бидат дадени воочи американските избори во ноември, а во екот на изборната кампања, која ја водат демократскиот кандидат и актуелен претседател Џо Бајден, како и Трамп како републикански претседателски кандидат.

Трамп е обвинет за фалсификување деловни записи за да ја замолчи ѕвездата на филмови за возрасни Сторми Даниелс, за сексуалната средба меѓу нив во 2006 година.

Агенцијата потсетува дека доколку Трамп биде прогласен за виновен по секоја од 34-те точки од обвинението, на поранешниот претседател на САД му се заканува затворска казна до четири години.

Сепак, правни експерти, на кои се повикува АФП, укажуваат дека е малку веројатно Трамп да добие затворска казна.

Се наведува и дека во случај на осуда, тоа не би било пречка Трамп да се најде на гласачкото ливче како претседателски кандидат.

До претседателските избори во САД пак има уште помалку од половина година.

Папата се извини за употреба на несоодветен термин упатен кон ЛГБТИ лицата

Папата Франциско поглавар на Римокатоличката црква
Папата Франциско поглавар на Римокатоличката црква

Папата Франциско во вторникот, 28 мај, му се извини на секој „што се почувстввал навреден“, затоа што тој употребил несоодветен термин за геј популацијата за време на состанокот со италијанските бискупи минатата недела.

Тој состанок на папата и повеќе од 250 бискупи се одржа зад затворени врати, јавува агенцијата Франс прес.

„Папата никогаш немаше намера да навреди или да употреби хомофобични термини. Тој им се извинува на оние кои се почувствуваа навредени од употребата на терминот, кој го пријавија други“, се вели во соопштението на Ватикан.

Агенцијата потсетува дека два италијански весници објавија дека папата Франциск на средбата употребил „навредлив римски термин“ за геј популацијата.

Откако овие наводи ги пренесоа дел од италијанските медиуми, ЛГТБИ групите и католичките верници беа револтирани.

„Како што имаше можност да каже во неколку наврати: Во црквата има место за секого, за секого! Никој не е бескорисен, никој не е вишок, има место за секого“, се вели во соопштението на Ватикан.

Грузискиот парламент гласаше за отфрлање на претседателското вето на законот за „странски агенти“

Демонстрантите кои протестираат против законот за „странски агенти“ се собраа пред зградата на парламентот во центарот на Тбилиси на 28 мај 2024 година.
Демонстрантите кои протестираат против законот за „странски агенти“ се собраа пред зградата на парламентот во центарот на Тбилиси на 28 мај 2024 година.

Грузиските пратеници го одобрија отфрлањето на ветото на претседателката Саломе Зурабишвили за таканаречениот закон за „странски агенти“, што ги налути демонстрантите собрани пред зградата на парламентот, а воедно и го го загрози патот на земјата кон Европската Унија.

Владејачката партија Грузиски сон, како што се очекуваше, ги имаше потребните гласови за отфрлување на претседателското вето во вторникот, на 28 мај. Заедно со нејзниот партнер во Владата, партијата Демократска Грузија, имаат 84 од 150-те места во комората. За да се отфрли ветото пак беа потребни 76 гласа, кои ги обезбеди владејачкото мнозинство.

Отфрлувањето на ветото на законот за „странски агенти“, доаѓа и покрај апелите во последен момент од Европската Унија и неколку земји-членки до грузиските пратеници да не го отфрлаат ветото на законот кој често се нарекува „руски закон“ и тоа поради неговата сличност со законодавството наметнато од Кремљ, а со цел да се замолчи опозицијата и правото на слободен говор.

Законот сега се враќа кај претседателката Зурабишвили за да биде потпишан. Доколку таа одбие, претседателот на парламентот, членот на Грузискиот сон, Шалва Папуашвили, може да го потпише законот и да го објави.

Стотици претежно млади демонстранти го следеа гласањето пред зградата на Парламентот од каде извикуваа - „Нема руски закон!“, "Робови!", додека вееја грузиски и знамиња на Европската Унија.

Законот ќе бара од граѓанското општество и медиумските организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од финансирањето од странски извори, да подлежат на надзор кој би можел да опфати санкции за сè уште недефинирани кривични дела.

Критичарите велат дека законот е воведен од партијата Грузиски сон, основана од грузискиот тајкун, пријателски настроен кон Русија, Бидзина Иванишвили, со цел да се зацврсти контролата на партијата на власт пред изборите подоцна оваа година, кои се сметаат за клучни за евроатлантскиот пат на Грузија.

Грузиски сон инсистираше на тоа дека останува посветена на приклучувањето кон западните институции и дека законот треба само да ја зголеми транспарентноста за финансирањето на невладините организации.

Граѓанското општество во Грузија со години се обидува да ја оддалечи земјата од влијанието на Русија, која сè уште има илјадници војници во Јужна Осетија и Абхазија, два отцепени грузиски региони кои Москва ги призна како независни држави по петдневната војна со Тбилиси во 2008 година.

И Соединетите Американски Држави и Европската Унија го предупредија Грузискиот сон дека игнорирањето на критиките и насилното сузбивање на демонстрантите ќе има негативни последици.

Грузија го доби посакуваниот статус на земја-кандидат за ЕУ во декември, но допрва треба да ги започне вистинските преговори за пристап, кои би можеле да траат со години. Имаше надеж дека таквите разговори би можеле да започнат подоцна оваа година, но Брисел предупреди дека законот за „странски агенти“ може да го загрози патот кон Европа.

Денот на независноста на Грузија одбележан со масовен протест
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:03 0:00

Претседателите на парламентите од седум земји-членки на ЕУ - Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Франција, Холандија и Полска, вчера, на 27 мај објавија заедничка изјава во која ги повикаа грузиските пратеници да го укинат овој закон.

Во изјавата упатена до Папуашвили се вели дека неодамнешните случувања во Грузија се „вознемирувачки“ и дека активностите на грузиската влада се во спротивност со вредностите и принципите што Грузија се обврза да ги почитува.

„Духот и содржината на Законот за странска транспарентност усвоен од Парламентот на Грузија се некомпатибилни со европските норми и вредности. Законот како што е сега има за цел да ги замолчи медиумите и граѓанските организации кои играат витална улога во едно демократско општество и се инструментални во помагањето на Грузија на нејзиниот пат кон ЕУ“, се вели во соопштението.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, на 27 мај рече дека блокот почнал да ги разгледува опциите доколку Грузија го усвои законот. Тој рече дека одлуката ќе биде донесена следниот месец.

Грузискиот омбудсман Леван Јоселиани, исто така, на 27 мај предупреди дека на законот му се потребни измени за да се ограничи штетата што ќе ја донесе на граѓанското општество.

Продолжен притворот на адвокатите на Навални

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални (Илустративна фотографија)
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални (Илустративна фотографија)

Судот во Москва во вторникот, 28 мај, 2024 година, им го продолжи притворот на тројцата адвокати на Алексеј Навални, противник на Кремљ, пренесува АФП.

Нивниот притвор беше продолжен за уште три месеци, до август 2024 година. Навални почина во февруари во затвор на рускиот Арктик, под неразјаснети околности.

Адвокатите Вадим Кобзев, Алексеј Липстер и Игор Сергунин беа уапсени минатата година и се соочуваат со обвиненија за „учество во екстремистичка група“ поради пренесување пораки меѓу Навални и надворешниот свет.

Агенцијата потсетува дека им се заканува казна затвор од шест години доколку бидат осудени.

„Ние сме обвинети дека му пренесуваме информации на Навални, а тоа повеќе не му треба. Тој е мртов“, ја цитираат независните медиуми изјавата на Кобзев пред судот.

Адвокатите побараа да бидат пуштени во домашен притвор до судењето.

Повеќето соработници на Алексеј Навални се во егзил во странство, а некои се осудени на долги затворски казни во Русија.

Навални беше обвинет за екстремизам и почина додека служеше затворска казна од 19 години.

Тој тврдеше дека обвинувањата против него се политички мотивирани.

Исчезната украинска новинарка пронајдена во притвор во Русија

Украинската новинарка Викторија Рошчина (Илустративна фотографија)
Украинската новинарка Викторија Рошчина (Илустративна фотографија)

Руското Министерство за одбрана потврди дека украинската новинарка Викторија Рошчина, која уште од минатата година била пријавена за исчезната во окупираниот дел на регионот Запорожје, всушност се наоѓа во притвор во Русија. Оваа информација ја објави весникот Грати, во одговор на барање на таткото на новинарката упатено до руските власти.

„Според достапните информации, Викторија Владимировна Рошчина е приведена и моментално се наоѓа на територијата на Руската Федерација“, пишува Грати.

По ова, Координативниот штаб за третман на воени затвореници го утврди статусот на Рошчина на веб-страницата како лице во „заробеништво“.

На 27 јули 2023 година, Рошчина ја напушти Украина во Полска и три дена подоцна планираше да отпатува низ Русија, па се до до источна Украина.

Последен пат оствари контакт со јавноста на 3 август. Таа тогаш изјави дека поминала низ неколкудневни гранични контроли, но не кажа каде точно се наоѓа.

Рошчина од самиот почеток ја покриваше целосната руска инвазија на Украина. Во март 2022 година, новинарката беше приведен од ФСБ во окупираниот Бердјанск. Таа беше ослободена 10 дена подоцна.

Викторија Рошчина соработуваше со порталот Украинска Правда, како и Меѓународната фондација за жени кои работат во медиумите (IWMF).

И Ирска го призна постоењето на палестинската држава

Протест на солидарност со Палестинците во Газа, Мадрид, Шпанија, 18 мај 2024 година.
Протест на солидарност со Палестинците во Газа, Мадрид, Шпанија, 18 мај 2024 година.

По Шпанија и Норвешка, денеска, 28 мај, и Ирска официјално го призна постоењето на палестинската држава и тоа во координирана одлука меѓу трите земји, која пак, Израел ја карактеризираше како „награда“ за Хамас, повеќе од седум месеци по разорната војна во Газа.

Трите европски земји веруваат дека нивната иницијатива има силно симболично влијание што веројатно ќе ги охрабри другите да го следат примерот.

Откако владата на Ирска формално ја одобри мерката, премиерот Сајмон Харис рече дека целта е да се одржат живи надежите за мир на Блискиот Исток.

„Сакавме да ја признаеме Палестина кон крајот од мировниот процес. Сепак, го направивме овој потег заедно со Шпанија и Норвешка за да го одржиме чудото на мирот жив“, рече тој во изјавата, повикувајќи го Израел „да ја запре хуманитарната катастрофа во Газа“.

Како што стапи на сила признавањето на Палестина од страна на Осло, министерот за надворешни работи, Еспен Барт Еиде, го поздрави потегот како „посебен ден за односите меѓу Норвешка и Палестина“.

И откако шпанскиот кабинет го поддржа потегот, министерот за надворешни работи, Хозе Мануел Албаре, рече дека тоа е ден кој ќе биде „впишан во историјата на Шпанија“.

Претходно, шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека признавањето е „суштинско“ за мирот и стабилноста во тој регион, инсистирајќи дека потегот „не е против никого, а најмалку против Израел“, како и тоа дека ова е „единствениот начин за побрз крај на војјната“.

Досега пак околу 140 земји веќе ја признаа палестинската држава, што е повеќе од две третини од земјите-членки на Обединетите Нации.

Властите стравуваат дека 2.000 луѓе се затрупани во лизгање на земјиште во Папу Нова Гвинејa

Локалните жители копаат во Јамбали, Папуа Нова Гвинеја, недела, 26 мај 2014 година.
Локалните жители копаат во Јамбали, Папуа Нова Гвинеја, недела, 26 мај 2014 година.

Во вторникот, Папуа Нова Гвинеја нареди евакуација на илјадници жители од областа погодена од лизгање на земјиштето во кое, според проценките на владата, затрупани се најмалку 2.000 луѓе.

Свлечиштето се случи во петокот, на 24 мај, по уривање на планина во тешко пристапниот северен регион Енга, што предизвика лизгање на земјиштето, пренесува Ројтерс.

Официјалните лица рекоа дека има мали шанси да се најдат преживеани, и покрај напорите на екипите за помош.

„Областа на свлечиштето е многу нестабилна. Кога сме таму горе, редовно слушаме големи експлозии кои доаѓаат од планината, сè уште има камења и остатоци“, изјави за Ројтерс претседателот на Комитетот за катастрофи во провинцијата Енга, Сандис Цака.

Ројтерс наведува дека помошта бавно пристигнува поради непристапниот терен и племенските немири во областа, принудувајќи ја војската да ги придружува хуманитарните конвои.

Обединетите нации (ОН) во вторникот објавија дека досега се пронајдени шест тела и дека е можно да биде неопходна евакуација на речиси осум илјади жители.

Агенцијата потсетува дека Папуа Нова Гвинеја редовно доживува природни катастрофи и лизгање на земјиштето, но дека ова е една од најразорните во последните години.

Владата процени дека повеќе од две илјади луѓе се затрупани во лизгањето на земјиштето, додека Обединетите Нации (ОН) предупредуваат на околу 670 можни смртни случаи.

ЕУ: Во извештајот за можно укинување на мерките за Косово вклучена и „акцијата“ на северот

Петер Стано, портпарол на ЕУ
Петер Стано, портпарол на ЕУ

Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, сè уште нема изготвено извештај поврзан со можноста за укинување на мерките против Косово.

Официјални лица од неговиот кабинет потврдуваат дека во извештајот ќе биде опфатена и минатонеделната операција на косовските власти, кога полицијата затвори шест објекти на Банката на Пошта и Народната банка на Србија, во четири општини на северот на Косово, каде што живеат најмногу Срби.

Петер Стано, портпарол на ЕУ, потврди дека неодамнешните настани исто така ќе бидат составен дел од извештајот на Борел.

„Воведени се мерки за да се мотивираат косовските власти да работат на деескалација на ситуацијата. Се разбира, сè што се случува на терен, што има негативно влијание врз напорите за деескалација, е евидентирано и вклучено во извештајот“, кажа Стано.

Според добро упатени европски извори, извештајот на Борел треба да биде завршен најдоцна до крајот на мај. Се очекуваше извештајот да содржи препорака за укинување на мерките, а единствено непознато беше дали тие ќе бидат целосно или постепено укинати.

Според овие извори, операцијата на северот од минатиот понеделник доведе до одложување на финализирањето на извештајот, за да се земат предвид овие постапки на косовските власти.

Поголемиот дел од земјите-членки на Европската Унија, на крајот на април, веднаш по гласањето за отповикување на градоначалниците, се изјаснија за укинување на мерките против Косово.

Тоа беше причината што тие побараа од шефот на европската дипломатија да го подготви споменатиот извештај, а неговите препораки во извештајот ќе послужат како основа за враќање на ова прашање на дневен ред и разгледување на можноста за укинување на мерките.

ЕУ воведе казнени мерки против Косово во јуни 2023 година по насилствата на крајот на мај на северот од таа земја, кога избраните градоначалници од албанска националност влегоа во општинските згради и ја презедоа функцијата.

Тие беа избрани на изборите во април 2023 година, откако Србите ги напуштија косовските институции на крајот на 2022 година, во знак на незадоволство од одлуката за регистарски таблички на Владата на Косово.

Изборите во 2023 година беа бојкотирани од Српската листа и локалното српско население.

Ситуацијата ескалираше на 29 мај во Звечан, по судирот меѓу демонстрантите и членовите на Мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР). Косовските власти редовно ја повикуваат ЕУ да ги откаже овие мерки бидејќи сметаат дека ја исполниле обврската од договорот со Унијата за намалување на тензиите на северот на земјата.

Парламентот на Тајван усвои измени со кои се фаворизира Кина

Церемонијата на инаугурација на новиот тајвански претседател Лаи Чинг-те во зградата на претседателската канцеларија во Тајпеј
Церемонијата на инаугурација на новиот тајвански претседател Лаи Чинг-те во зградата на претседателската канцеларија во Тајпеј

Тајванскиот парламент, контролиран од опозицијата, усвои измени кои ја фаворизираат Кина и ја намалуваат моќта на претседателот Лаи Чинг-те, јавува Асошиејтед прес (АП).

Агенцијата наведува дека поради измените граѓаните протестирале пред зградата на парламентот, каде се собрале илјадници луѓе.

Измените беа предложени од опозициската Националистичка партија и нејзините сојузници, давајќи му повеќе овластувања на парламентот, вклучително и контрола на буџетот. Тоа ги вклучува трошоците за одбрана што партијата ги блокираше, што многумина го гледаат како отстапка за Кина.

Како што објави Ројтерс, измените им даваат на пратениците овластување да побараат од војската, приватните компании или поединци да обелоденат информации што парламентарците ги сметаат за релевантни. Тој, исто така, го криминализира непочитувањето на парламентот од страна на владините претставници и бара од претседателот редовно да поднесува извештаи до парламентот и да одговара на прашања од пратениците.

Националистичката партија официјално го поддржува обединувањето со Кина, од која Тајван се отцепи во 1949 година за време на граѓанска војна.

Таа партија го контролира парламентот со тесно мнозинство по изборите во јануари, додека претседателството и припадна на Демократската напредна партија на претседателот Лаи Чинг-те, која се залага за де факто независност на Тајван од Кина.

Кина го смета Тајван за отцепена провинција што треба да ја стави под своја контрола, ако е потребно и со сила. Пекинг секојдневно испраќа воени бродови и борбени авиони во близина на островот и го зголемува воениот притисок.

Соединетите Држави (САД), како и повеќето земји, не го признаваат Тајван како земја. Сепак, американскиот закон бара од Вашингтон да се погрижи островот да се брани и ги смета сите закани за Тајван како „сериозни“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG