Достапни линкови

Јади здраво, вози внимателно и не прашувај за пари


Кампања за здрава исхрана на македонската влада.
Кампања за здрава исхрана на македонската влада.

Во изминативе 2,5 години владата спровела 27 рекламни кампањи за кои потрошила околу 18 милиони евра. Медиумските организации тврдат дека кампањите служат само за корумпирање на медиумите.

Јадете здраво, одете брзо, трчајте, возете внимателно, врзете појас, имајте трето дете, насмевнете се, отворете го срцето... Ова се само дел од пораките што владата преку кампањите им ги упатува на граѓаните.

Јас секогаш носам безбедносен појас во автомобил и кога седам на предните и кога седам на задното седиште. Ве молам носете и вие.
Никола Груевски, премиер.

Во последните две, едната почната во септември, а другата месецов, за безбедност во сообраќајот и за здравиот начин на живот, главната улога ја има премиерот Никола Груевски. Првиот човек на владата прво ги раскажуваше сообраќајните правила и како тој лично се однесува во сообраќајот.

Кампања за безбедно возење на македонската влада.
Кампања за безбедно возење на македонската влада.

„Иако јас сум премиер, јас сум човек, еден од вас, кого исто така, како и секој друг човек, го погодуваат ваквите работи, несреќите, загубите на живот, социјалните драми на семејствата. Секој спасен човечки живот е од непроценливо значење. Јас секогаш носам безбедносен појас во автомобил и кога седам на предните и кога седам на задното седиште. Ве молам носете и вие“, рече Груевски.

Примери на аеробична активност со енергичен интензитет се џогирање или трчање, препливување на базенот, брзо возење велосипед или на ридски терен, играње тенис единечно, играње кошарка, фудбал, ракомет и слично.
Никола Груевски, премиер.

Минатата недела, пак, објаснуваше и дека здравата исхрана се состои од зеленчук, овошје, целозрнести житарки и здрави протеини.

Груевски и прецизира дека овошјето и зеленчукот би требало да сочинуваат половина од внесот на храна и треба да бидат разновидни и разнобојни. Една четвртина од дневната храна треба да отпаѓа на целозрнести житарки и производи добиени од нив, а последната четвртина би требало да им припадне на здравите протеини како што се грав, соја, леќа, боранија, јаткасти плодови, риба и пилешко месо.

Прво остава впечаток дека е сеприсутен и сеспособен за водење на државата во сите полиња, што не е точно секако и создава слика дека тој е способен за што било, за каков било проблем во својата држава, а не се концентрира на вистинските проблеми.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

„Примери на аеробична активност со умерен интензитет се брзо одење, вежбање аеробик во вода, рекреативно возење на велосипед на рамна површина или на површини со малку нерамнини, играње тенис во двојки, туркање на косилка за трева, качување на скали на не многу големи височини и слично. Примери на аеробична активност со енергичен интензитет се џогирање или трчање, препливување на базенот, брзо возење велосипед или на ридски терен, играње тенис единечно, играње кошарка, фудбал, ракомет и слично. Како алтернатива, возрасните лица од 18 до 64 години треба да направат 8.500 чекори при секојдневните активности“, вели Груевски.

Не е спорно дека јавни владини кампањи треба да имаат своја промоција и на информативните програми, меѓутоа кога во најавите на вестите во подолг период, односно во низа, тие заземаат примарно место, ги потиснуваат останатите теми од јавен интерес во втор план.
Марко Трошановски, комуниколог.

Аналитичарот Соња Стојадиновиќ вели дека поставувањето на премиерот како личност што знае сè од која било област остава два впечатока.

„Прво остава впечаток дека е сеприсутен и сеспособен за водење на државата во сите полиња, што не е точно секако и создава слика дека тој е способен за што било, за каков било проблем во својата држава, а не се концентрира на вистинските проблеми и на вистинските полиња на своето влијание и на неговите обврски како премиер“, вели Стојадиновиќ.

Пораките коишто ги примаат граѓаните од тие медиуми, како наводно новинарски труд, не е ништо друго, освен политичка пропаганда.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Според комуникологот Марко Трошановски не е толку спорно што премиерот лично се појавува како главно лице во ваквите кампањи, оти, како што вели, нив вообичаено ги водат лица што уживаат голема популарност, а во македонското општество тоа секако е првиот човек на владата.

„Не е спорно дека јавни владини кампањи треба да имаат своја промоција и на информативните програми, меѓутоа кога во најавите на вестите во подолг период, односно во низа, тие заземаат примарно место, ги потиснуваат останатите теми од јавен интерес во втор план, со што јавноста можно е да се дефокусира од некои општествени или политички многу посуштински теми“, вели Трошановски.

Ако ме прашате дали на овој начин се поткупуваат или се корумпираат или се клиентелизираат медиумите, да тоа е еден посреден начин за да може медиумите и новинарите да влезат во една спирала на влијанија, каде што ќе внимаваат што ќе пишуваат и за што ќе известуваат и што би биле вестите на денот.
Жанета Трајковска, директорка на Високата школа за новинарство и односи со јавност.

Реклами за дефокусирање од проблемите

Всушност, од кога владата ја промовираше кампањата за безбедност во сообраќајот голем дел од медиумите се посветија токму на таа тема како најважна во моментот, па дури и дел новинари ги облекоа промотивните жолти маички со црн нацртан појас на нив. И тоа беше така неколку дена. Сега, пак, кога беше промовирана кампањата „Здравјето е избор“, во медиумите најважен стана начинот на исхрана на граѓаните. Според Жанета Трајкоска, директорка на Високата школа за новинарство и односи со јавност, со ова всушност се менува новинарската агенда и се врши влијание врз јавноста. Не велам дека безбедното возење или здравата храна не се важни, но тоа не се теми на денот, додава таа.

Органот кој е надлежен за контрола, за превенција, тоа е антикорупциската комисија и другите антикорупциски тела, досега воопшто не се огласиле на оваа тема, ниту, пак, побарале од владата да соопшти колку пари се потрошени за кампањи, бидејќи голем дел од овие кампањи одат за индиректно поткупување на одредени медиуми.
Вања Михајлова, антикорупционер.

„Се сетира редоследот на вестите поинаку и тоа сетирање, тоа местење на вестите не се прави во редакцијата, не се прави според новинарски правила, според професионални правила и правила коишто ги има редакцијата за да определи што е вест на денот, туку некој од надвор, надвор од медиумот, може да зборуваме дали е тоа ПР агенцијата што ја води кампањата, маркетингот или некоја јавна институција, во овој случај зборуваме за владата, бидејќи таму е почната кампањата, тие кажуваат што ќе оди прво, користејќи „меки“ начини на притисоци, што во секој случај не е во ред, кога ја гледаме медиумската агенда и она што значи непристрасно и балансирано известување, посебно на централните информативни програми или вестите на денот“, вели Трајкоска.

Скандалозно би било во која било земја да се крие како се трошат парите од буџетот, тоа е случај само во Македонија.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Според претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, целта на овие кампањи не е, како што тврди, само да се контролираат медиумите, туку и содржината што се појавува на нив.

„Пораките коишто ги примаат граѓаните од тие медиуми, како наводно новинарски труд, не е ништо друго, освен политичка пропаганда, практично на граѓаните на Македонија, со нивните пари, некој им продава политичка пропаганда и на некој начин им го ускратува правото да бидат објективно информирани. Ако граѓаните на Македонија немаат можност да се информираат од избалансирани медиуми, тие нема да бидат во можност да бидат свесни за тоа што се случува во општеството и нема да бидат во состојба да носат рационални одлуки кога тоа ќе биде потребно“, вели Селмани, кој постојано инсистира на транспарентност околу тоа колку пари и како се потрошени за владините кампањи.

Неодамна владата ги објави износите што ги трошела за кампањите во изминатите две и пол години. Според извештајот кој се однесува на владините кампањи спроведени во 2012, 2013 и првите шест месеци од 2014 година, Владата водела вкупно 27 медиумски кампањи, за кои потрошила околу 18 милиони евра. ЗНМ тогаш коментираше дека при распределба на кампањите нема јасни критериуми за тоа каде се пуштаат кампањите и тврдеше дека има голем дисбаланс меѓу рејтингот на медиумите и застапеноста на владините кампањи. Селмани тврди дека преку нив всушност се корумпираат медиумите.

„Погледнете ги вестите на мејнстрим медиумите и ќе видите колку критика има против работата на власта, практично тие стануваат пропагандна машинерија на политиките на владата. Не само што не се критикува, она што е најзастрашувачки е тоа што владата, владиниот пи-ар, комплетно ќе го најдете во емисиите и вестите на овие мејнстрим медиуми. Да се прекине со рекламирањето, но очигледно тој наш апел не стигнува до владините претставници и после да видиме која им е намерата што сакаат со тоа да постигнат, за да видиме тие владини реклами да ги ставиме во некаква законска рамка, за да го стесниме просторот за злоупотреба“, вели Селмани.

Трајковска, пак, нагласува дека иако во последниве две кампањи сумата беше изнесена јавно, односно двете чинат по 500 илјади евра, сепак нема дополнителни детали, колку од нив се даваат на пример за купување простор во медиумите.

„Секако дека информациите кои влегуваат во вестите не се платени, меѓутоа тоа на некој начин оди во пакет заедно со делот којшто е маркетиншки платен, и тоа дефинитивно не е во ред, односно маркетингот влегува во информативниот простор. Ако ме прашате дали на овој начин се поткупуваат или се корумпираат или се клиентелизираат медиумите, да тоа е еден посреден начин за да може медиумите и новинарите да влезат во една спирала на влијанија, каде што ќе внимаваат што ќе пишуваат и за што ќе известуваат и што би биле вестите на денот“, вели Трајкоска.

По кои критериуми се распределуваат парите за реклами?

И антикорупционерите имаат забелешки за транспарентоста при реализацијата на овие владини проекти. Според поранешниот член на антикорупциската комисија, Вања Михајлова, колку точно пари се потрошени досега за владините кампањи никој точно не знае.

„Органот кој е надлежен за контрола, за превенција, тоа е антикорупциската комисија и другите антикорупциски тела, досега воопшто не се огласиле на оваа тема, ниту, пак, побарале од владата да соопшти колку пари се потрошени за кампањи, бидејќи голем дел од овие кампањи одат за индиректно поткупување на одредени медиуми“, вели Вања Михајлова.

И поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини забележува на нетранспарентноста во трошењето на парите. Тој смета и дека не е познат ефектот од кампањите, на пример дали за време на кампањата за безбедност во сообраќајот е намален бројот на несреќи.

„Овие пари што се трошат досега за пропаганда, за износите, премиерот не одговара ни на пратенички прашања со години, не само сега. Европската комисија бараше податоци за овие пари што ги трошат за реклами и за корумпирање на медиумите, а што ги држат во тајност. Скандалозно би било во која било земја да се крие како се трошат парите од буџетот, тоа е случај само во Македонија“, вели Хајредини.

Инаку едно од образложенијата што се дава во јавноста, пак, како оправдување зошто се спроведуваат владините кампањи е дека тоа се прави и во други земји во светот.

И навистина, ако се земе за пример последната за здрав начин на живот, македонските политички водачи не се единствените што сакаат да испратат таква порака до граѓаните. На пример и во Австралија периодов тече слична кампања, но иако е финансирана од владата, неа ја спроведува Одделението за здравство. На посебна интернет страница, пак, на која се даваат и информации за состојбите поради кои е поведена кампањата, нема лица од политичари, ниту нивни говори.

Во Велика Британија слична кампања води Одделот за јавно здравје, а највисоката политичка личност која се појавува е министерот за здравство. Таму владата нуди и ваучери за оние што се одлучуваат да јадат здрава храна и да спортуваат.

Кај нас, пак, засега кампањата останува фокусирана на рекламниот дел, а на телевизиите почна да се емитува и посебна кратка емисија во која се подготвуваат рецепти.

Главната разлика кај нас сепак е што во другите земји носители на рекламните пораки не се највисоките политичари. Оцената на Стојадиновиќ е дека во Македонија со нив се прави обид за оттргнување на вниманието од главните проблеми во државата.

„Иако постои висок степен на сообраќајна некултура, од друга страна сметам дека народот не се храни толку многу нездраво за да треба и самиот премиер да се меша во таа сфера. Во последните година и половина, можеби и повеќе, имаме разни кампањи за оттргнување на вниманието на народот од вистинските проблеми, како невработеност, иселувањето, политичките проблеми, како отсуството на политички дијалог, со разни кампањи кои немаат никакво влијание, немаат вистинска стратегија за имплементирање на идејата на кампањата, така што евтиниот популизам едноставно го уништува политичкото влијание на партијата. Сè повеќе и повеќе ВМРО-ДПМНЕ делува како маркетинг агенција отколку на партија на власт која треба да ја води државата“, вели Стојадиновиќ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG