Достапни линкови

Мигранти им го сменија животот на жителите на Табановце


Жителите на Табановце се жалат дека бегалската криза влијае и врз нивниот секојдневен живот. Велат дека големиот бран на луѓе кои минуваат низ нивното село ги прави да се чувствуваат недоволно безбедно.

Мирот и спокојот на 40-ина жители во пограничното село Табановце, месноста Сланиште, во непосредна близина на македонско-српската граница, безмалку една година сосема се нарушени. Ако до тогаш селската идила и тивкото секојдневие го нарушувал звукот на возовите, секојдневието на жителите сега е сврзано со неизвесност од голема фреквенција на мигранти, хуманитарни активисти, вработени во повеќе државни институции, новинарски екипи, таксисти. Некогашното пасиште и спортско игралиште се уништени за поставување монтажни бараки. Кампот е ограден со мрежа, но со разбирање кон мигрантите, жителите велат дека тие ја скинале мрежата и шетаат надвор од кампот.

Перица Петрушевиќ од Табановце.
Перица Петрушевиќ од Табановце.

„Луѓето не можат по неколку денови да гледаат преку жица, тие имаат потреба и да прошетаат, не се тие виновни што се тука“, раскажуваат жителите.

Додека разговаравме со Перица Петрушевиќ мигранитите викаа по него и бараа да им донесе цигари. Неколкумина излегоа преку отворот на оградата што самите го направиле. Рекоа дека се од Авганистан, дека се добро. Но, Перица и неговата сосетка раскажуваат дека не се чувствуваат безбедно, без оглед што можеби некој од мештаните ќе им продаде цигари, или нешто од храна ако побараат. Како што велат, тие главно се занимаваат со земјоделие и одгледуваат добиток, а од мигрантите не можат да живеат со тоа што малку поскапо ќе им продадат цигари, оти и тие немаат пари.

„Спокојот и мирот, патот, сè ни е уништено. Пасиштето што го имавме за добитокот сега е уништено и на керамиди ќе ги пасеме. Нема каде, тоа ни беше единствено. Во близина на реката има неколку ливади, ама сега не можеме да го претераме добитокот, зашто се е оградено. Од другата страна е границата, ниту таму не можеме да го тераме добитокот.“

Надвор од оградата на кампот расфрлани се делови од обувки, облека, некоја конзерва, ќебиња, а со отпад е затворен и каналот, од кој се шири непријатна миризба. Жителите кои на почетокот собирале од фрланата хуманитарна помош, сега сè помалку земаат. Перица вели дека не им треба толку, а мигрантите често фрлаат.

„Земаме тоа што фрлаат. Ако конзервата не е отворена зошто да не ја земеме“, раскажува Перица и вели дека никој од мештаните не се занимава со нелегални работи.

„Евентуално ако дојдат да побараат цигари, вода, еве слушате бара цигари. Инаку, не се чувствуваме безбедни, не знаеш може да ти дојде преку ноќ, да влезе во куќа. Имаше таков случај, човекот повика полиција, а тие велат дека не се надлежни.“

Сосетката на Перица пак вели дека не им е пријатно од она што се случува во нивното маало.

„Се плашиме. Има полиција, но таа не стои нон-стоп. Тие влегуваат во куќи, бараат цигари. Излегуваат од кампот, шетаат и навечер и на пладне.“

Таа додава дека децата ги испраќа и ги пречекува кога се враќаат од школо, оти како што вели, се плаши за нив од непознати луѓе. Пред мигрантскиот бран овој дел од Табановце бил мирен, полињата чисти и зелени, мештаните се чувствувале многу слободни. Кога би знаеле кога сето ова ќе заврши полесно би им било, но неизвесноста и секој ден подигање на некоја нова барака, уште повеќе ги загрижува. Исто така, како што вели жената, ниту некој ги информирал за нешто, ниту ги подготвил, ниту пак ги прашува како им е. Според неа, оваа состојба можеби нивните деца ќе ги натера да го напуштат селото, иако оние што останале да живеат тука реновирале или изградиле нови куќи.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG