Достапни линкови

Вести

Меѓународниот суд на правдата бара мерки од Израел за решавање на гладот во Газа

Семејство за време на ифтар во Рафа, 18 март 2024 г.
Семејство за време на ифтар во Рафа, 18 март 2024 г.

Судиите од Меѓународниот суд на правдата едногласно му наложија на Израел да ги преземе сите неопходни и ефективни мерки за да се осигури дека основните резерви на храна ќе стигнат до Газа без одлагање.

Тие побараа Израел да отвори повеќе копнени премини за да обезбеди снабдување со храна, вода, гориво и други резерви.

Судот рече дека Палестинците во Газа се соочуваат со сè полоши услови за живот и оти гладот и изгладнувањето се шират.

„Судот забележува дека Палестинците во Газа повеќе не се соочуваат само со ризик од глад, туку дека гладот е веќе присутен“, рекоа судиите во нивната одлука.

Новите мерки ги побара Јужноафриканската Република, која претходно го обвини Израел за геноцид во Газа.

Одлуката од 28 март дојде откако Јужна Африка побара дополнителни привремени мерки, вклучително и прекин на огнот. Израел го повика судот да не издава нови наредби.

Во правно обврзувачката одлука, судот му нареди на Израел да ги преземе „сите неопходни и ефективни мерки за да обезбеди, без одлагање, во целосна соработка со Обединетите нации, непречено обезбедување на итно потребните основни услуги и хуманитарна помош“.

Судот му даде на Израел рок од еден месец да поднесе извештај за спроведувањето на наредбите.

Израелското Министерство за надворешни работи не ја коментираше наредбата.

Конфликтите во Газа траат од 7 октомври минатата година, кога Хамас, кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка група, го нападна Израел, при што загинаа 1.200 луѓе. Оттогаш, во израелските напади загинаа повеќе од 32.552 луѓе во Газа, според Министерството за здравство под контрола на Хамас.

види ги сите денешни вести

Израел продолжи со нападите во Газа неколку часа откако Бајден го изнесе планот за прекин на огнот

Палестинците бегаат од јужниот град на Газа Рафа за време на израелска копнена и воздушна офанзива во градот, 28 мај 2024 година.
Палестинците бегаат од јужниот град на Газа Рафа за време на израелска копнена и воздушна офанзива во градот, 28 мај 2024 година.

Израелските сили на 1 јуни продолжија со нападите со тенкови и артилерија врз градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Израел нуди нова мапа на патот до целосен прекин на огнот.

Набргу по објавата на Бајден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека неговата земја ќе води војна додека не ги постигне сите свои цели, вклучително и уништување на радикалната палестинска група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Хамас досега изјави дека „позитивно го разгледува“ планот претставен од Бајден.

Во своето прво големо обраќање во кое го изложи планот за ставање крај на конфликтот, американскиот претседател рече дека понудата на Израел во три фази ќе започне со шестнеделна фаза во која израелските сили ќе се повлечат од сите населени области на Појасот Газа.

Тоа би значело и „ослободување на бројни заложници, вклучувајќи жени, постари лица, ранети, во замена за ослободување на стотици палестински затвореници“.

Израел и Палестинците потоа ќе преговараат во текот на тие шест недели за траен прекин на огнот, но примирјето ќе продолжи додека се одвиваат разговорите, рече Бајден.

Американскиот лидер го повика Хамас да ја прифати понудата на Израел.

„Време е оваа војна да заврши, да започне следниот ден“, рече тој, по што слична изјава даде и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.

Хамас во соопштение доцна во петокот наведе дека „позитивно гледа“ на говорот на Бајден за „траен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од Газа, реконструкција и размена на затвореници“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во петокот ги повика своите колеги од Јордан, Саудиска Арабија и Турција да извршат притисок за договор.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш „силно се надева“ дека најновите случувања „ќе доведат до договор меѓу страните за траен мир“, изјави неговиот портпарол Стефан Дујарик.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, рече дека понудата на Израел „нуди трошка надеж и можен излез од ќор-сокакот на војната“, додека шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен го поздрави „урамнотежениот и реален“ пристап за ставање крај на крвопролевањето.

Сепак, Нетанјаху претстави различно толкување на планот претставен од Бајден во саботата, инсистирајќи дека преминот од една во друга фаза во предложениот патоказ е „условен“ и е дизајниран да му дозволи на Израел да ги задржи своите воени цели.

Нетанјаху во изјавата рече дека „го овластил преговарачкиот тим да претстави план за постигнување (враќање на заложниците), истовремено инсистирајќи дека војната нема да заврши додека не се постигнат сите цели“, кои вклучуваат уништување на војската на Хамас и управувачките способности, ослободубање на сите заложници и осигурувајќи дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел.

„Според предлогот, Израел ќе продолжи да инсистира на исполнување на овие услови пред да се воспостави траен прекин на огнот“, рече Нетанјаху, додавајќи дека „идејата дека Израел ќе се согласи на траен прекин на огнот пред да се исполнат овие услови е нешто за што не може да се преговара“.

Израел испрати тенкови и војници во Рафа на почетокот на мај, игнорирајќи ја загриженоста за безбедноста на раселените палестински цивили кои се засолниле во градот на границата со Египет.

Во саботата, жителите пријавија оган од тенкови во населбата Тал ал-Султан во западниот дел на Рафа, додека очевидци во источниот и центарот на Рафа опишаа интензивно артилериско гранатирање.

Израелската армија, исто така, го гранатираше и градот Газа на северот на палестинската територија, според репортерот на АФП.

Пред да започне офанзивата на Рафа, Обединетите нации соопштија дека до 1,4 милиони луѓе кои побегнале од израелските операции нашле засолниште во градот.

Оттогаш, еден милион ја напуштиле областа, соопшти агенцијата на ОН за палестински бегалци, УНРВА.

Израел го зазеде граничниот премин Рафа, дополнително забавувајќи ја спорадичната испорака на помош за 2,4 милиони жители на Газа и ефективно затворајќи ја главната излезна точка на територијата.

Светската програма за храна соопшти дека секојдневниот живот станал „апокалиптичен“ во делови од јужна Газа откако Израел започна напад врз Рафа на почетокот на мај.

Војната во Газа беше предизвикана од нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел на 7 октомври, кога, според израелските податоци, беа убиени околу 1.200 луѓе, а дека околу 250 биле киднапирани. Во последната израелска офанзива, според тоа, убиени се најмалку 36.200 луѓе, наведуваат здравствените власти во Газа под контрола на Хамас.

Африканскиот национален конгрес на пат да го изгуби мнозинството прв пат по крајот на апартхејдот во Јужна Африка

Гласање во Јужна Африка.
Гласање во Јужна Африка.

Владејачкиот Африкански национален конгрес (АНЦ) во Јужна Африка е на пат да го изгуби своето парламентарно мнозинство за првпат по изборите на кои забележа неверојатен пад на поддршката за партијата под Нелсон Мандела што ја извади земјата од апартхејдот.

Со повеќе од 97 отсто преброени гласови во саботата, АНЦ освои нешто повеќе од 40 отсто од гласовите на изборите во средата. Тоа е огромен пад со оглед на тоа што АНЦ доминираше во јужноафриканската политика 30 години од крајот на владеењето на белото малцинство во 1994 година, додека во својот пик имаше 70 отсто од гласовите во најнапредната африканска економија.

Изборните претставници рекоа дека конечните резултати од изборите ќе бидат објавени до недела.

Иако АНЦ победуваше на сите претходни избори од историското гласање во 1994 година со кое беше ставен крај на владеењето на белото малцинство, поддршката за партијата се намали во изминатата деценија бидејќи Јужноафриканците гледаа како економијата стагнира, невработеноста расте и инфраструктурата се распаѓа.

АНЦ, според нецелосните резултати, сè уште има најголем дел од гласовите, но бидејќи не освои мнозинство, ќе мора да преговара за коалиција со друга партија или партии за да остане во владата. Тоа може да има реперкусии и врз иднината на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоза, кој беше штитеник на Мандела.

Со тоа што пратениците го избираат претседателот, на АНЦ ќе и треба помош од други за да може Рамафоса да биде избран за втор и последен мандат.

Еден од можните коалициски партнери, новата МК партија, изјави дека еден од нејзините услови за договор е Рамафоза да биде сменет од позицијата лидер и претседател на АНЦ.

Подготвени сме да преговараме со АНЦ, но не и со АНЦ на Кирил Рамафоса“, изјави портпаролот на партијата МК, Нхламуло Ндлела.

Главната опозициска Демократска алијанса има околу 21 отсто од гласовите; Партијата МК на поранешниот претседател Џејкоб Зума има 14 отсто, а Борците за економска слобода 9 отсто. Бидејќи овие партии претставуваат многу различни идеологии, секоја од нив влегувајќи во коалиција со АНЦ може да ја сврти Јужна Африка во многу различни насоки.

Убиен кандидат за градоначалник во Мексико на два дена пред изборите

Покана за гласање на изборите во Мексико. 31 мај 2024 година.
Покана за гласање на изборите во Мексико. 31 мај 2024 година.

Кандидат за градоначалник е убиен на 31 мај во централно Мексико, соопштија локалните власти, помалку од 48 часа пред изборите на кои беа убиени најмалку 25 кандидати.

Во соопштението на државното обвинителство во Пуебла, смртта на Хорхе Хуерта Кабрера беше потврдена во петокот попладне во градот Изукар де Матаморос, каде што тој беше кандидат.

Обвинителството соопшти дека води истрага.

Во нападот се ранети сопругата на Хуерта Кабрера и еден од неговите колеги, додаваат властите.

Тој е кандидат на партијата Зелени, која е во сојуз со владејачката партија Морена.

Кампањата за неделните избори, на кои треба да се избере нов претседател, федерални пратеници, гувернери на државите и илјадници локални функционери, беше обележана со бран напади врз кандидатите.

Федералната влада соопшти дека 22 кандидати биле убиени до вторникот, а од тогаш се пријавени уште три смртни случаи.

Некои невладини организации пријавија поголем број на убиени - до 30 убиства на кандидати од почетокот на кампањата на крајот на септември.

Борбата со картелското насилство што ги прави убиствата и киднапирањата секојдневна појава во Мексико ќе биде еден од главните предизвици со кои ќе се соочи следниот претседател, кој најверојатно ќе биде првата жена лидер во земјата.

Украина потпишува безбедносни договори со нордиските земји додека Русија ги засилува нападите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 31 мај потпиша договори за безбедност и соработка со Шведска, Норвешка и Исланд додека присуствуваше на третиот самит Украина-Северна Европа во Стокхолм.

Договорите беа потпишани додека руските напади и гранатирање продолжија да предизвикуваат хаос во градовите во Украина, убивајќи цивили и оштетувајќи ја инфраструктурата.

„Премиерот Бјарни Бенедиктсон и јас потпишавме договор за безбедносна соработка и долгорочна поддршка меѓу Украина и Исланд“, напиша Зеленски на X, поранешен Твитер.

Тој додаде дека нордиската земја ветила и најмалку 30 милиони евра финансиска поддршка за Украина до 2028 година.

Претходно, Зеленски потпиша сличен договор со Норвешка, при што членката на НАТО вети повеќе од една милијарда долари воена помош за Украина.

Германија го олесни влезот за баратели на работа од земји кои не се членки на ЕУ

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Во Германија стапи на сила новата визна шема за квалификувани работници од земји надвор од Европската унија, која овозможува влез во земјата и барање работа до една година, под услов да се исполнат одредени критериуми.

Новата шема, позната како карта за шанса на барателот на работа, им е достапна на оние со најмалку двегодишна стручна подготовка или универзитетска диплома признаена во земјата каде што е стекната квалификацијата. Потребно е и познавање на германски или англиски јазик.

Дали апликантите ги исполнуваат условите за таква виза се пресметува врз основа на јазични вештини, професионално искуство, возраст и врски со Германија.

Откако ќе се одобри картичката, апликантот може да влезе во Германија и да бара работа до една година, што значи дека веќе не треба да се поднесува договор со германска компанија пред да може да влезе во Германија за да работи.

Новата шема беше воведена со цел да се намали бирократијата и да се скратат процедурите.

„Обезбедуваме работниците и квалификуваните работници кои на нашата економија ѝ се потребни итно и со години да можат да дојдат во нашата земја“, изјави на 31 мај министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Новата шема е дел од сеопфатниот пакет закони чија цел е да се реши акутниот недостиг на квалификувана работна сила во Германија.

Првата фаза започна во ноември 2023 година и главно вклучуваше олеснување на патот до дозвола за престој позната како Сина карта на ЕУ и се однесуваше на признати квалификувани работници.

Од саботата, можностите се проширени и за граѓаните од земјите од Западен Балкан кои бараат работа, вклучително и за неквалификувани работници.

Сепак, за тоа сепак е потребен договор со германска компанија како предуслов за влез во Германија на работа.

Русија таргетира енергетска инфраструктура во нови напади врз Украина

Дробишеве, село во делот на источниот регион Доњецк под контрола на Украина, претрпе штета во руското гранатирање на 31 мај.
Дробишеве, село во делот на источниот регион Доњецк под контрола на Украина, претрпе штета во руското гранатирање на 31 мај.

Енергетска инфраструктура е оштетена во пет региони низ Украина од најновиот руски напад со проектили и беспилотни летала, соопштија украинските власти на 1 јуни.

Оштетени се енергетските капацитети во источниот дел на Доњецк и југоисточните региони Запорожје и Дњепропетровск, како и во централниот регион Кироворад и западниот Ивано-Франковск, соопшти украинскиот оператор на електричната мрежа Укренерхо.

„Утринава Русите извршија нов напад врз украинските енергетски капацитети. Од март ова е веќе шести масивен, комплексен напад со проектили и беспилотни летала против цивилна енергетска инфраструктура“, рече Укренерхо.

ДТЕК - најголемата украинска приватна компанија за производство на енергија, соопшти дека за време на нападот биле погодени две нејзини термоелектрани, а дека опремата била „сериозно оштетена“. Компанијата не прецизираше каде биле тие објекти.

Русија го зголеми своето бомбардирање на украинската цивилна енергетска инфраструктура од март, уништувајќи голем дел од топлинскиот и хидроенергетскиот капацитет на земјата, предизвикувајќи прекини на струја и туркајќи го увозот на електрична енергија на рекордно високо ниво.

Претходно, украинските воздухопловни сили објавија дека противвоздушната одбрана соборила 35 од 53 руски ракети и 46 од 47 беспилотни летала.

„Руските терористи не се откажуваат од намерата да го уништат секторот за гориво и енергија во земјата. Воздухопловните сили и одбранбените сили на Украина прават се што е можно за да го спречат непријателот да ги постигне своите цели на секој дел од фронтот“, изјави командантот на силите, генерал Микола Олешчук.

Регионалните власти известија дека пожарникарите гаснат пожари на неколку локации по нападите. Засега нема информации за жртви.

Новите руски напади доаѓаат два дена откако американскиот претседател Џо Бајден ѝ даде дозвола на Украина да користи американска муниција за да напаѓа внатре во Русија со ограничена цел да го брани Харкив.

Во изјава за РСЕ на 31 мај во Прага на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека промената во политиката е „легитимна“.

Досега, украинските сили не беа во можност да ги нападнат руските сили што се собираат на руска територија со оружје што го снабдува Западот, поради загриженоста на САД и некои други западни сојузници на Украина дека тоа ќе ја ескалира војната.

„Правото на самоодбрана го вклучува и правото да се напаѓаат цели на територијата на агресорот. И токму тоа Украина мора да може да го направи“, рече Столтенберг.

Матурантите го полагаат првиот испит од државната матура

Ученици во Македонија го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература.
Ученици во Македонија го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература.

Речиси 15 илјади ученици што завршуваат средно образование, денеска го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература. Учениците наместо во училници, полагаат во големи простории во училиштата како холови и спортски сали за да се оневозможи препишување, а полагањето го надгледуваат 2.000 наставници.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ) којшто го организира полагањето на државната матура, пријавени се 10.088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4.189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

По повод почетокот на полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе го посети средното училиште „Нико Нестор“ во Струга.

Директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска, пак, ќе ја посети скопската гимназија „Орце Николов“.

Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни.

Пријавени се 1.356 кандидати за математика, 13.198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија.

Според видот на образование, 6.341 матуранти се од гимназии, 8.230 од стручно и 263 од уметничко образование.

Оваа учебна година матурантите наместо во училници, тестовите ќе ги полагаат во големи простории во училиштата: холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.

Целта е со повеќе тестатори на едно место да се овозможи подобра контрола во текот на испитот и да се оневозможи препишување или масовно споделување одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.

Тестирањето за двата екстерни испита, денеска и наредната сабота, ќе почнува во 10 часот.

Полагањето ќе го надгледуваат околу 2000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.

Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024 година.

Блинкен потврди дека Бајден одобрил Украина да користи оружје на САД за напади во Русија

Американскиот државен секретар Антони Блинкен.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека претседателот Џо Бајден ѝ дал зелено светло на Украина да користи американско оружје за да нападне внатре во Русија со ограничена цел да го брани источниот град Харкив.

Ваквата одлука дошла во услови на молби од Украина САД да им дозволи на нејзините сили да ја бранат земјата од напади со потекло од руска територија.

Говорејќи во Прага на 31 мај на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Блинкен рече дека Украина побарала овластување од Вашингтон да користи американско оружје за да нападне внатре во Русија „за да се одбрани од оваа агресија, вклучително и против руските сили кои се трупаат на руската страна на границата и потоа напаѓаат во Украина“, рече Блинкен.

„И тоа отиде директно кај претседателот. И како што слушнавте, тој ја одобри употребата на нашето оружје за таа цел. Во иднина, ние ќе продолжиме да го правиме она што го правевме, а што е потребно приспособување и прилагодување. “, рече Блинкен.

Потврдата на Блинкен дојде по извештаите на медиумите кои ги цитираа американските официјални лица - вклучително и оној кој зборуваше за РСЕ - дека Бајден делумно ја укинал забраната.

Сончево време со услови за краткотрајно невреме

Сончево време во Скопје.
Сончево време во Скопје.

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови од земјава повремено засилен ветер од југозападен правец.

Според прогнозата на УХМР, попладне и кон крајот на денот ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи и услови за краткотрајно невреме.

Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени. УВ-индексот ќе има вредност 7.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи.

Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне 31 степен.

Во следните денови ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност.

Бајден го повика Хамас да го прифати новиот израелски план за прекин на огнот

Џо Бајден
Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден ги повика милитантите на Хамас во петокот да се согласат со новата понуда од Израел за ослободување на заложниците во замена за прекин на огнот во Газа, велејќи дека тоа е најдобриот начин да се започне прекин на смртоносниот конфликт.

„Со прекин на огнот, помошта може безбедно и ефикасно да се дистрибуира до сите на кои им е потребна“, рече Бајден, пренесува Ројтерс.

„Како некој кој имал доживотна посветеност на Израел, како единствен американски претседател што некогаш отишол во Израел во време на војна, како некој кој штотуку испрати американски сили директно да го бранат Израел кога Иран го нападна, ве молам да преземете повлечете се и размислете што ќе се случи ако овој момент се изгуби“, рече тој.

Претходниот предлог за заложници поднесен порано оваа година бараше ослободување на болните, постарите и ранетите заложници во Газа во замена за шестнеделен прекин на огнот што може да се продолжи за да се овозможи доставување хуманитарна помош во енклавата.

Предложениот договор пропадна претходно овој месец откако Израел одби да се согласи на траен прекин на огнот како дел од преговорите и го засили нападот врз градот Рафах во јужна Газа.

Хамас во четвртокот соопшти дека им кажал на посредниците дека нема да учествува во понатамошни разговори за време на тековната агресија, но дека е подготвен за „целосен договор“, вклучително и размена на заложници и затвореници, доколку Израел ја прекине војната.

Преговорите со посредство на Египет, Катар и други за договор за прекин на огнот меѓу Израел и исламистичкото движење во војната во Газа постојано се заглавени, при што двете страни ја обвинуваат другата за недостаток на напредок.

Израел нема да се согласи на каков било прекин на огнот што не е дел од договорот што вклучува враќање на преживеаните заложници, изјави во петокот висок израелски безбедносен функционер.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби во вторникот изјави дека неодамнешните израелски копнени операции во Рафах нема да доведат до повлекување на поголема американска воена помош.

Војната во Појасот Газа започна кога милитантите од Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, започнаа напад без преседан врз Израел на 7 октомври, при што според израелските власти загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили. .

Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега загинаа најмалку 36.280 луѓе - две третини од нив жени и деца - и рани повеќе од 80.000, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас.

Војната го турна најголемиот дел од населението во Газа на работ на глад, според ОН. Уништени се бројни болници, а оние кои не се уништени немаат доволно гориво за генератори и други основни потреби.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG