Достапни линкови

ЕУ е многу помалку зависна од рускиот гас, но сè уште не се откажува од него


илустрација
илустрација

Во есента 2022 година, Кремљ предвиде многу мрачна зима за жителите на Европската Унија.

Откако ја прекина испораката на природен гас за Европа како одмазда за западните санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година, Москва и про-Кремљ медиумите речиси радосно предвидуваа дека Европа, без добронамерноста на руските испораки на гас, ќе стане пустелија на темнината и ледените градови. Односно дека Европејците ќе бидат среќни ако не замрзнат до смрт во нивните кревети.

Но, додека цените на енергенсите нагло пораснаа, Унијата не се смрзна, што беше помогнато од релативно благата зима.

За да се справи со недостигот на руски гас во текот на постудените месеци и до крајот на 2023 година, ЕУ складираше залихи: беше зголемен увозот на течен природен гас (LNG), главно од САД, а потрошувачите се охрабруваат да ја намалат потрошувачката и да ја подобрат ефикасноста. Зголемено е и потпирањето на обновливите извори на енергија како што се ветерот и сонцето.

„Европската Унија постигна неверојатен напредок од февруари 2022 година за да ја намали зависноста од увозот на гас од руските гасоводи“, изјави за РСЕ Акос Лос, висок научен соработник во Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Експертите велат дека ова е добро за долгорочната енергетска безбедност на ЕУ, но целосното исклучување на Русија од енергетската пресметка ќе биде многу потешко да се постигне во поделена ЕУ, каде што земјите не само што имаат многу различни енергетски потреби, туку и многу различни односи со Кремљ.

„Преостанатите текови потешко се намалуваат поради комбинација на географски услови, договорни обврски и во некои случаи, политичка целисходност“, вели Лос.

Во времето кога Москва ја започна својата инвазија на Украина, ЕУ беше во голема мера зависна од Русија за гас.

Русија учествуваше со повеќе од 40 отсто од увозот на гас во ЕУ, снабдувајќи од 95 отсто од унгарскиот гас до десет отсто од гасот во Шпанија во 2021 година, според податоците на официјалната статистичка служба Еуростат. Сепак, најголемиот нето увозник на руски гас во ЕУ беше Германија со 55 милијарди кубни метри во 2021 година, што претставуваше повеќе од 65 отсто од увозот на гас во земјата.

Пред инвазијата, извозот на руски гас во ЕУ всушност се очекуваше да се зголеми со неизбежното завршување на новиот гасовод „Северен тек 2“.

Како и неговиот претходник, Северен тек 1, новиот гасовод беше изграден за транспорт на гас од Русија до Германија под Балтичкото Море, а беше финансиран од рускиот државен Газпром и други европски енергетски компании. Предупредувањата за геополитичките ризици од прекумерната зависност од рускиот гас во рамките на Унијата главно останаа незабележани.

„Русија секогаш ја користи енергијата како средство за уцена. Ова е очигледно најмоќното оружје што го имаат“, изјави за РСЕ Филип Лаусберг, аналитичар во Центарот за европска политика со седиште во Брисел.

Украина многу добро знаеше како функционира оваа „уцена“, бидејќи Москва со децении редовно прибегнува кон затворање на чешмите во нејзините спорови со Киев.

Помалку рути за руски гас

Увозот на руски гас во ЕУ сега е намален за околу една третина во споредба со пред руската инвазија на Украина. Според податоците на Евростат, во третиот квартал од 2021 година, 39 отсто од гасот во ЕУ доаѓа од Русија. Две години подоцна, во третиот квартал од 2023 година, тој износ е намален на 12 отсто.

Ова намалување беше делумно од неопходност, бидејќи Русија еднострано го прекина снабдувањето на некои европски клиенти, што доведе до рекордни цени на гасот. Меѓу нив беа Бугарија, Полска, Финска и Холандија, кои одбија да платат за гас во рубли, услов наметнат на „непријателските земји“, кои вообичаено плаќаа во долари или евра, како начин за заобиколување на западните финансиски санкции против Централната банка на Русија.

На 31 август 2022 година, Москва ги суспендираше испораките во Европа преку „Северен тек 1“ за, како што рече, тридневно рутинско одржување. Оттогаш гасоводот не е во функција.

Трите главни рути за испорака на руски гас до Унијата се затворени од 2022 година.

Во мај минатата година, украинскиот оператор на системот за транспорт на гас прогласи „виша сила“, клаузула која се применува во случај на непредвидени околности, велејќи дека тие повеќе немаат оперативна контрола врз инфраструктурата на територијата окупирана од Русија. Тие ги запреа транзитните текови низ Сохранивка, една од двете влезни точки за рускиот гас во Украина.

Гасоводот „Јамал-Европа“, заеднички руско-белоруско-полски проект кој испорачуваше гас од Русија до Полска и Германија, исто така престана со работа во мај истата година откако Москва го запре протокот кон Полска и ја санкционираше компанијата која е сопственик на полскиот дел од гасоводот. Полска сега го користи својот дел од гасоводот за увоз на гас од Германија.

По руската инвазија на Украина, Берлин ја стави во мирување потврдата за гасоводот Северен тек 2, кој сè уште не започнал да испорачува гас за Германија.

Експлозиите што се случија во септември 2022 година уништија делови од Северен тек 1 и Северен тек 2, правејќи ги гасоводите неупотребливи. Експертите заклучија дека експлозиите се чин на саботажа, иако одделните истраги не утврдија ништо за сторителите.

Тоа значи дека испораките на руски гас во Европа во моментов се ограничени на две рути: првата преку европскиот дел на Турски тек, заеднички проект на Гаспром и Турција кој транспортира гас од Русија во Турција под Црното Море, а потоа до Централна и Југоисточна Европа и другиот преку Украина преку влезната точка Суџа на границата со Русија.

Дополнително, вкупната потрошувачка на природен гас во ЕУ беше намалена за речиси 18 проценти, како дел од напорите на блокот да го диверзифицира снабдувањето со енергија, да ја зголеми ефикасноста и да инвестира во обновливи извори.

Преку планот REPowerEU, Унијата вети дека ќе ја прекине зависноста од рускиот увоз на фосилни горива до 2027 година и според Европската комисија, е на пат да ја исполни таа цел.

Запирање на украинските текови

Испораките на руски гас би можеле дополнително да се намалат во следните години, бидејќи веќе ограничениот транзит на гас низ Украина можеби нема да продолжи по декември 2024 година. Сегашниот договор на Русија со Украина истекува, а и Киев и Москва сигнализираа дека немаат планови да го обноват.

Иако тоа автоматски не значи дека протокот низ Украина целосно ќе престане од јануари 2025 година, малку е веројатно дека обемот ќе продолжи на сегашното ниво. Украинскиот транзитен коридор „теоретски би можел да работи“ врз основа на краткорочните капацитети од 2025 година наваму, изјави експертот за енергија Лош, но сепак додава дека тоа би барало основно ниво на доверба и работен однос меѓу вклучените компании, а овие денови има многу малку од тоа.

Запирањето на преостанатите текови на гас низ Украина би влијаело на неколку европски земји кои сè уште добиваат руски гас преку овој транзитен коридор. Меѓу нив е и Австрија, која пред инвазијата речиси 80 отсто од гасот го добиваше од Русија.

Австриската енергетска компанија ОМВ има долгорочен договор за снабдување со руски Гаспром со важност до 2040 година, а испораките пристигнуваат преку Украина. Шефот на ОМВ, Алфред Стерн, во јули за лондонски Фајненшл тајмс изјави дека ќе продолжи да зема гас се додека Гаспром продолжи да го снабдува.

Словачка, Италија и Хрватска исто така добиваат руски гас преку украинските транзитни рути според долгорочните договори со Гаспром, соопшти Центарот за глобална енергетска политика.

Молдавија, која е кандидат за членство во ЕУ, веројатно би можела да биде полошо со ненадејниот прекин на протокот на гас од Украина. Додека Гаспром доставува гас само за отцепениот регион Придњестровје, поддржан од Русија, а Молдавија купува значителен дел од електричната енергија во регионот. Ненадејниот прекин на снабдувањето со гас може да остави голем дел од земјата без електрична енергија.

Во интервју за РСЕ во октомври, молдавската претседателка Маја Санду рече дека земјата сега гради директна високонапонска врска за увоз на електрична енергија од Романија и дозволува земјата да биде „целосно независна“. Се очекува далноводот да биде завршен пред 2025 година.

Тешко е откажувањето

Целосното апстинирање од рускиот гас нема да биде лесно за ЕУ и се очекува руските текови да продолжат барем уште некое време.

Лаусберг од Центарот за европска политика истакна дека иако некои земји „значително се дистанцираа од Русија кога станува збор за енергијата“, други, како Унгарија, Словачка, Австрија и Србија, сè уште зависат од рускиот гас и не се подготвени да го дадат нагоре од економски и политички причини.

Турски тек е пример за тоа. Европскиот дел од гасоводот, кој користи нова и постоечка инфраструктура, транспортира гас понатаму во Европската Унија преку Бугарија. Иако Москва еднострано го прекина снабдувањето со Бугарија во април 2022 година и Гаспром рече дека не добил исплати во рубљата како што беше побарано, Турски тек продолжува да ги снабдува Србија, Унгарија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Грција преку својата гасоводна мрежа.

„Некои земји во Централна и Источна Европа, особено Унгарија, се обидуваат да одржат блиски врски со Путин и се подготвени подолго да се потпираат на увозот на руски гас бидејќи го гледаат како политички корисен, како алатка во нивниот игри меѓу ЕУ и Русија кои можат да се користат за преговори,“ вели Лаусберг.

Унгарија, која беше најсилниот сојузник на Русија во ЕУ, најголемиот дел од природниот гас го добива од Русија. Во 2021 година, владата на премиерот Виктор Орбан се согласи на 15-годишен договор, според кој Гаспром ќе испорачува 4,5 милијарди кубни метри природен гас на Унгарија годишно, преку Турски тек и Украина.

Откако Русија ја започна својата инвазија, Будимпешта потпиша нов договор со Москва за дополнителни количества руски гас. Повеќето испораки, 3,5 милијарди кубни метри од вкупните 4,5 милијарди според долгорочниот договор плус дополнителни количини, доаѓаат преку Турски тек, а помал дел се испорачува преку Украина.

Се чини дека Унгарија не сака да ги запре тие испораки на гас во скоро време. Во октомври Бугарија воведе данок за транзит на руски гас во износ од 20 лева (10,80 долари) за мегават-час. Од Софија велат дека целта им е да го направат Гаспром помалку профитабилен транспортот на гас преку Бугарија, со цел да се намалат профитите што одат во војната на Кремљ, како и зависноста на регионот од руската енергија.

Унгарија возврати, заканувајќи се со вето на влезот на Бугарија во Шенген зоната доколку не ја укине транзитната такса за рускиот гас. Бугарија попушти, а парламентот гласаше за укинување на данокот. Белград, исто така, се закани дека ќе одговори на потегот на Софија, велејќи дека тој е насочен кон Унгарија и Србија, кои исто така увезуваат најголем дел од својот гас од Русија преку Бугарија според долгорочниот договор со Гаспром, кој трае до 2025 година.

Фкторот LNG (природен гас)

Додека увозот на руски гас во ЕУ со гасоводи се намали од февруари 2022 година, Русија го зголеми извозот на природниот гас во ЕУ во споредба со нивото од пред војната. Според податоците на Евростат, САД испорачале најголем дел од природниот гас на Европската Унија во 2023 година (40 отсто), потоа Русија и Катар, кои имаат пазарен удел од околу 13 отсто.

Увозот на руски природен гас, кој не е предмет на санкции на ЕУ, главно со танкери, скокнал за 40 отсто меѓу јануари и јули 2023 година во споредба со нивото од пред војната, според извештајот на Глобал Витнес во август.

„Земјите од ЕУ сега го купуваат најголемиот дел од руските резерви гас, поддржувајќи еден од најважните извори на приход на Кремљ“, се вели во извештајот.

Дел од природниот гас, сепак, се испорачува понатаму на други пазари, дел во Европската Унија, се вели во јунскиот извештај на Бугарскиот центар за проучување на демократијата.


Бугарија, на пример, индиректно купи руски ЛНГ, кој првенствено беше наменет за грчките компании кои имаат долгорочен договор со Гаспром. Друг пример е Германија, која во првите три месеци од 2023 година добила 23 отсто од природниот гас од Белгија. Во истиот временски период, според извештајот на Центарот за проучување на демократијата, Белгија увезувала 60 отсто од својот ЛНГ од Русија.

Во годишниот извештај за енергетската состојба на Унијата од октомври, Европската Комисија го призна зголемувањето на увозот на руски ЛНГ, но рече дека „тоа претставува многу мал дел од вкупниот увоз на гас“.

Според Лос, овие испораки најверојатно ќе продолжат доколку ЕУ не воведе забрана на големо за увоз на руски ЛНГ. Во јули, украинските активисти за климата лобираа во Европската Комисија, повикувајќи на целосна забрана на увозот на руски ЛНГ во ЕУ. Меѓутоа, во септември Шпанија, која претседава со ЕУ до крајот на 2023 година и е најголем потрошувач на руски ЛНГ во блокот, рече дека нема краткорочен план да го забрани увозот на руски течен природен гас.

И покрај тоа што ЕУ значително го намали увозот на руски гас, експертите велат дека е малку веројатно дека блокот ќе може целосно да ја замени Русија како снабдувач. Една од причините зошто некои европски земји ќе продолжат да бидат заинтересирани за испораките на руски гас, вели Лаусберг, е тоа што "многу од овие земји се без излез на море. За нив е многу потешко да добијат ЛНГ гас. А друга причина е тоа што рускиот гас сè уште е релативно евтин“.

„Итноста да се оди на нула е малку намалена и очекувам дека ќе потрае подолго од целниот датум од 2027 година според планот REPowerEU за целосно отстранување на рускиот гас од ЕУ“, вели Лос. Сепак, тој забележува дека сегашното ниво на зависност од рускиот гас е „многу поподносливо“ од претходно.

XS
SM
MD
LG