Достапни линкови

Гратис софтверот за онлајн попис води до поранешна шефица на кабинет на Анѓушев


Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер и Софче Јовановска, поранешна шефица на неговиот кабинет
Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер и Софче Јовановска, поранешна шефица на неговиот кабинет

Еден ревизорски извештај го отвори прашањето. Како Државниот завод за статистика добил гратис апликација за онлајн пописот на дијаспората? На фирмата која го донирала, претходно и е одобрена финансиска помош за инвестиции, а е управувана од поранешната шефица на кабинет на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

  • Апликација за онлајн попишување за „Попис 2021“ на незаконски начин е дадена гратис од фирмата „Скеил фокус“, утврдија ревизорите
  • Шефицата на кабинет на вицепремиерот Кочо Анѓушев, Софче Јовановска, по заминување од Влада, станува управителка на „Скеил фокус“
  • „Скеил фокус“ потпишува договор за финансиска помош од Владата од 470 илјади евра додека Кочо Анѓушев е вицепремиер
  • Јовановска била претседател на Комисијата за евалуација на Владата која одлучувала за финансиска помош на “Скеил фокус“
  • Истата комисија на чело со Јовановска одлучуваше за државни пари за фирми на Анѓушев, од кои се повлекоа откако тоа беше објавено во медиумите
  • Јовановска вели дека станала управител на „Скеил фокус“ како најсоодветен кадар, а Анѓушев бара да не му се споменува името

Гратис попис со „прашалници“

„Ти си повеќе од бројка“. Ова беше слоганот со кој државата се обидуваше да го убеди населението да учествува на пописот во пандемиската 2021 година со оглед на тоа што од повеќе извори се ширеа апели за да се бојкотира најголемата статистичка операција со која треба да се преброи населението, домаќинствата и становите. На власта и беше особено битно да го реализира бидејќи податоците би биле показател за инвестиции и развој, опозицијата се сомневаше дека ќе има манипулации па собираше потписи против референдум.

Последниот попис беше одржан пред 20 години, во 2002 иако државите членки на ООН се обврзани да го спроведуваат максимум на секои 10 години. Во атмосфера на голема неизвесност за успешноста на пописот, во „загреана“ политичка реалност, Државниот завод за статистика беше институцијата надлежна за негово спроведување. Попишувањето се одвиваше во две операции : за дијаспората започна на 1 март 2021 преку онлајн апликација, додека со одложување теренскиот попис се спроведуваше од 5 до 30 септември истата година.

Но, еден извештај на Државниот завод за ревизија за ИЗВРШЕНА РЕВИЗИЈА НА УСОГЛАСЕНОСТ „ПОПИС НА НАСЕЛЕНИЕТО, ДОМАЌИНСТВАТА И СТАНОВИТЕ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, 2021 ГОДИНА“ откри необјавена информација.

Дека апликацијата за онлајн или само-попишување на дијаспората е „набавена без надомест, без притоа да се уреди дали станува збор за донација или спонзорство“. Ревизорите утврдија дека е изработена за кус период, без јавна набавка, со договор во кој има промоција и со управител на фирма кој претходно бил член на Советот на Заводот за статистика (ДЗР).

Статистика добила гратис апликација од Скеил фокус, нема „црно на бело“ дека е спонзорство

Медиуми во кои се цитираа ИТ експерти после само два дена од започнувањето на онлајн попишувањето тврдеа дека само со промена на ИП адреса може да се попише и граѓанин кој живее тука, а не во странство. Јавноста беше под притисок дека е можно податоците на македонските граѓани кои живеат во странство да бидат злоупотребени од странската фирма, особено во време кога односите со соседна Бугарија се нарушени.

Тогаш беше објавено и името на бугарска фирма „Скеил фокус“која ја изработила апликацијата. Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски и од фирмата смируваа дека нема шанси за злоупотреба на податоците. Податоците во Централниот регистар покажуваат дека „Скеил фокус“ на крај на 2019 та отворила фирма-ќерка во земјава и македонската фирма ја дала апликацијата.

Ревизорите откриваат друга спорна работа - управителката на фирмата, претходно била дел од советодавното тело на директорот на Статистика, Симовски.

Ангажмани на Софче Јовановска

  • Од јули 2017 до јануари 2020 е Шеф на кабинет на Вицепремиерот Кочо Анѓушев
  • Од 5 јуни 2018 до 8 мај 2020 е Претседател на комисија за евалуација на барањата за финансиска поддршка
  • Од 25.05.2019 до 23.09.2020 Софче Јовановска е член на Совет на статистика
  • Од 31.01.2020 управител на „Скеил фокус“

Тоа е Софче Јовановска која Собранието на Северна Македонија ја именувало за член на Советот за статистика со мандат од мај 2019 година до септември 2020 година. Со останатите членови има задача да дава мислење на директорот на ДЗС за методологијата, за мерките за заштита на податоците и за обработка и објавување на резултатите. Но, во исто време, и тоа неколку месеци била и член на совет и управител на „Скеил фокус“, фирмата која решила гратис да изработи софтвер. Јовановска заминала од Статистика, но како управител го потпишала договорот за гратис апликација за онлајн попишување.

„Констатиравме дека фирмата изработувач на апликацијата е управувана од лице кое во периодот од 25.05.2019 година до 23.09.2020 година е член на Советот за статистика, што може да влијае на неговите јавни овластувања и службени должности“ се вели во извештајот на ревизорите.

Апликација за интернет попишување на ден пред стартот на пописот

Радио Слободна Европа дојде до договорот за користење на апликацијата каде од една страна стои потписот на директорот на статистика Симовски, а од друга страна на неговата поранешна „советничка“, управителката на фирмата, Јовановска. За ревизорите е спорно тоа што апликацијата воопшто не е внесена во деловодните книги на Статистика. Во исто време не е запазен Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.

Меморандум за соработка, Договор за користење на софтверска апликација и Записник за примопредавање на софтверска апликација со фирмата „СКЕИЛ ФОКУС“
Меморандум за соработка, Договор за користење на софтверска апликација и Записник за примопредавање на софтверска апликација со фирмата „СКЕИЛ ФОКУС“

Во членот 7 од договорот се гледа дека сепак Статистика има обврски кон фирмата донатор. Се договориле дека апликацијата за само-попишување, во долниот дел ќе има линк до сајтот на бугарската фирма „Скеил фокус“, со логото и со назнака дека е изработувач на ова софтверско решение. За фирмата уште со договорот е регулирано дека на апликацијата мора да стои и нејзиното лого, но и дека Статистика се согласува своето име и лого да ги даде на користење на „Скеил фокус“ за да може да ги користи во маркетинг кампањи.

Според ревизорите начелото на конкурентност е загрозено. За тоа дали смее преку „спонзорство или донација“ да се дојде до апликација, иако е со закон пропишано дека мора, од Министерството за правда не е побарано мислење дека апликацијата е од јавен интерес.

Според документите кои ги има РСЕ, интересно е тоа што на само четири денови пред да започне само-попишувањето се договараат сите услови за апликацијата, а ден пред стартот е предадена на статистика. Меморандумот за соработка е склучен на 25 февруари 2021, договорот е потпишан на 26 февруари, а записникот за примопредавање на 28 февруари. Веќе следниот ден на 1 март само-попишувањето започнува. Токму ова е исто така е спорно и за ревизорите уште повеќе што оваа апликација не влегла во јавната набавка за софтверското решение за целиот попис. Статистика една година претходно имала тендер за софтвер за попис и пронашла оператори за оваа услуга, но не побарала и софтвер за дијаспората.

Директорот Симовски и фирмата со ист став: Се работи за општествено одговорен потег

За директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски нема ништо спорно во тоа што го напишале ревизорите бидејќи ако не била гратис апликацијата, ќе „пропаднело“ само-попишувањето. Институцијата имала многу кус период да го реализира, оти законот е донесен во јануари 2021 година, а тие чекале да се прецизира на кој начин ќе се попишува дијаспората, дали онлајн или преку конзуларните претставништва. Вели дека уште сто пати да му се повтори истата ситуација, исто толку пати би постапил идентично.

Но, тој не крие дека на идејата за апликацијата дошле заедно со неговата поранешна „советничка“ Јовановска, и ја смета за многу корисна.

Изјава од Апостол Симовски - директор на ДЗС
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:29 0:00
Директен линк

„ Јас тоа го разбирам како чин на добра волја. И треба сите така да го сфатите. Некој кој знаеше во каква активност бевме ја сфати целта и потребата и со тоа покажа одговорност. Јовановска знаејќи ја потребата, целите и нужноста да се спроведе пописот покажа лична одговорност, но општествена одговорност покажа и компанијата. Јас тоа многу го ценам бидејќи заврши огромна работа. Таа како шеф на кабинет на тогашен вицепремиер беше и член на совет, рече Апостол Симовски, директор на Државен завод за статистика.

И од фирмата велат дека иницијативата за веб-апликацијата за само попишување е идеја на менаџментот на „Скеил Фокус“, бидејќи тие веќе имале претходно искуство во развој на сличен софтвер за пописи во други држави и за тоа го понудиле нивното искуство.

„Со давање на користење на веб-апликацијата за само попишување немавме комерцијални цели. Нашата цел беше да дејствуваме како општествено одговорна компанија и да излеземе во пресрет на државните институции кои беа соочени со значајни предизвици во тоа време - слично на она што го направија и други компании од бизнис заедницата во тој период“, велат од Скеил фокус.

И покрај тоа што не го коментираат ревизорскиот извештај, велат дека биле запазени сите процедури според законската регулатива со која се уредува давањето на добра или услуги и Законот за авторски права и трговска марка.

Владата исплатила речиси половина милион евра финансиска поддршка за Скеил фокус

Хронологија на деловните активности на „Скеил фокус“

  • 26.11.2019 „Скеил фокус“ регистрира фирма со управител Пламен Стилјанов Цеков
  • 23.12.2019 „Скеил фокус“ потпишува договор со Владата за финансиска поддршка
  • 31.01.2020 Софче Јовановска станува управител на „Скеил фокус“
  • 15.10.2020 „Скеил фокус“ потпишува анекс на договорот за финансиска поддршка со што се намалува инвестицијата, се зголемуваат ставките за помош
  • 26.02.2021 „Скеил фокус“ дава гратис софтвер за само-попишување на Заводот за статистика
  • 31.12.2021 Исплатени 6.991.890 денари или околу 113 илјади евра за „Скеил фокус“ од Владата како финансиска поддршка
  • 28.12.2022 Исплатени 21 826 000 денари или 355 илјади евра за „Скеил фокус“ од Владата како финансиска поддршка

Фирмата „Скеил фокус“ истата година кога е спроведен пописот, добила пари од Владата.
Според дата базата „Отворени финансии“ која ги евидентира сите трансфери на пари од државни институции, може да се види дека од Владата кон „Скеил фокус“ има две исплати. Првата е на 31.12.2021 година во износ од речиси 7 милиони денари или околу 113 илјади евра, додека втората по една година на 28.12.2022 и тоа во износ од 21.826.000 денари или 355 илјади евра. Тоа значи дека на фирмата и се исплатени околу 470 илјади евра од државата.

Од Владата велат дека овие исплати се поради договорот кој државата го имала со „Скеил фокус“. Склучен е според „Законот за финансиска поддршка на инвестиции“ кој е донесесен во 2018 година, а чиј промотор во Собранието беше тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Македонската „Скеил фокус“ која е фирма ќерка на бугарска „Скеил фокус“ е регистрирана на 26 ноември 2019 година.

Управител при впишувањето во централниот регистар е Пламен Стилјанов Цеков. По два месеци управителот се менува и Софче Јовановска од кабинетот на Анѓушев, заминува и станува управителка на „Скеил фокус“ во Скопје.

Според договорот за финансиска поддршка од државата, кој РСЕ го доби од Владата, склучен е на 23 декември 2019. Но, во него стои дека важи ретроградно од 1 декември, односно 23 денови пред потпишувањето, а тоа се само неколку денови по регистрацијата на фирмата во земјава. На документот Владата одлучила да ги сокрие имињата на потписниците и покрај тоа што е тоа јавно достапен податок бидејќи по повод промовирањето на тогашната „нова инвестиција“ биле повикани медиуми. На свеченоста се гледа дека потпис на договорот ставаат Пламен Стилјанов Цеков, тогашниот управител на Скеил фокус и тогашната Министерка за странските инвестиции, Зорица Апостолска.

Двете страни се договориле дека на годишно ниво, 10 години државата ќе го плаќа персоналниот данок на доход и данок на добивка на „Скеил фокус“, ќе и врати на фирмата 10% од инвестицијата во првите 3 години, а еднократно ќе исплаќа и по две илјади евра за секој вработен кој зема нето плата за 50% повисока од минималната.

Планираната инвестиција намалена со анекс договор за речиси четири пати

Првично Владата и „Скеил фокус“ се договориле дека до крајот на декември 2024 година фирмата да мора да има минимум 15 милиони евра инвестиција. Само после 10 месеци од договорот, на 15 октомври 2020 година е потпишан анекс. Кој ставил потпис е скриено. Со него Владата се откажала од инвестицијата од 15 милиони евра и се согласила „Скеил фокус“ наместо да вложи 950 милиони денари, таа да има инвестиција од 246. 431. 000 денари или околу 4 милиони евра и да обезбеди минимум 300 нови вработувања.

Со анексот се додадени и уште две основи за финансиска помош. Од Владата ни одговорија дека „Скеил фокус“ до октомври има вкупно инвестициски влог од околу 390 илјади евра и 162 вработувања. Државата пак и исплатила речиси 470 илјади евра како помош по неколкуте основи, а во нив е и закупнината на деловен простор за која се одвоени околу 100 илјади евра.

Договор и анекс на договор за доделување на финансиска поддршка на СКЕИЛ ФОКУС
Договор и анекс на договор за доделување на финансиска поддршка на СКЕИЛ ФОКУС


Според адресата може да се утврди дека таа има закупено простории во центарот на Скопје во Бизнис центарот - Настел на бизнисменот Зоран Азманов, а подружница има и во Битола. Скопската канцеларија била свечено отворена, а како гостин е повикан и тогашниот премиер Зоран Заев и директори на државни институции. Претседателот на бордот на директори Цеков тогаш најавил дека 300 вработувања ќе ги достигнат и многу порано од она што го планирале.

Инаку во портфолиото на фирмата во Бугарија се вели дека се работи за брзо растечка компанија со канцеларии на повеќе релации во светот која има цел да стане светски признат лидер во дигитализацијата.

Листа на основи за исплата кон „Скеил фокус“
Листа на основи за исплата кон „Скеил фокус“


Јовановска прво претседател на комисијата која одлучува за државна помош за „Скеил фокус“, па управител на фирмата

Името на Софче Јовановска на сајтот на Влада може да се најде како шеф на кабинет на Кочо Анѓушев додека тој ја извршуваше функцијата вицепремиер задолжен за економски прашања од 2017 година. Месец дена пред крајот од кариерата на Анѓушев како вицепремиер на македонскиот пазар влегува фирмата „Скеил фокус“. Десет денови пред неговото и заминувањето на Јовановска од Влада заедно со него, е потпишан и договорот за државна помош, додека тогаш се уште управител е Пламен Стилјанов Цеков.

На свеченоста која се одржала во Владата, на која биле поканети медиуми и била пренесувана во живо на владиниот Youtube канал се гледа дека токму вицепремиерот Кочо Анѓушев е еден од промоторите на инвеститорот од Бугарија. Договорот го потпишува Министерката за странските инвестиции Зорица Апостолска и е според „Законот за финансиска поддршка на инвестиции“.

Изјави од Кочо Анѓушев и Пламен Стилјанов Цеков
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:04 0:00

Додека премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и тогашниот управител на „Скеил фокус“ држат свечени говори, на видеото може да се види дека во публиката во Влада седи токму шефицата на кабинет Јовановска, која по еден месец заминува и станува управител токму на таа фирма.

Според податоците во Службен весник, таа за Претседател на Комисијата за евалуација за финансиска поддршка на инвестициите е поставена во јули 2018 година. Помошта за „Скеил фокус“ е одобрена на крајот на 2019, а таа е заменета од член на комисијата која одлучувала во мај 2020 година. Ова значи дека во 2019 година кога се одлучувало за помошта за оваа фирма, таа се уште била во Комисијата за одлуки.

Јовановска - односите со Анѓушев професионални

Софче Јовановска која била шеф на кабинет на вицепремиерот Кочо Анѓушев додека фирмата „Скеил фокус “го потпишува договорот за државна помош, а после еден месец станала нејзина управителка, вели дека односите со Анѓушев во минатото им биле исклучиво професионални, а од 2020 година, речиси и воопшто да не се виделе, освен на настани на кои случајно се среќаваат.

„Во периодот додека бев вработена како Посебен советник во Кабинетот на Потпретседателот на Владата, извршував работни обврски за кои имав и официјални овластувања од Владата на РСМ и за истите досега немам добиено никакви официјални забелешки по однос на мојот ангажман. Коментарите во јавноста без докази со искажување на генерализации како лични ставови на одредени личности, не би сакала да ги коментирам.“, вели Јовановска.

Тврди дека како генерален менаџер на „Скеил фокус“ е вработена во постапка за вработување на менаџери каде од кандидатите се побарувале високи критериуми на стручност и искуство. Има 30 годишно работно искуство и е магистер по информатички науки.

Јовановска оценувала грантови за фирми на екс вицепремиерот Кочо Анѓушев

Јовановска за пошироката јавност ја има на неколку интернет портали со интервјуа за ИТ секторот и ангажманите на фирмата. Дел од медиумите пак за неа пишуваа дека беше претседател на Комисијата за евалуација на фирми кои би добиле грант од државата.

Извадок од Службен весник 02.07.2018
Извадок од Службен весник 02.07.2018

Медиумско внимание предизвика тоа што фирмата „Каст инвест“ каде удел имаше и Анѓушев аплицираше за државни пари, а во комисијата која ги разгледувала апликациите беше и Јовановска. Комисијата тогаш утврди дека „Каст инвест“ ги исполнува критериумите и беа одобрени 160 илјади евра буџетски пари. Се откри дека и „Брако“, исто така на Анѓушев, аплицирал за државна помош за унапредување на бизнис.

Но, откако медиумите открија дека Софче Јовановска е во Комисијата, Анѓушев тврдеше дека таа се изземала при оценувањето на овие фирми, но сепак двете се повлекоа и не добија пари од буџетот.

Јовановска како претседател на комисија за евалуација беше вклучена и во одобрувањето на државни пари за поранешен кавадаречки „Фени“ односно „Еуроникел“ и тоа исто така за финансиска поддршка на инвестициите. Комисијата при второ одлучување му одобрила пари на „Еуроникел“, но Државната комисија за спречување на корупција отвори предмет за овој случај.

Антикорупциската комисија го истражуваше позитивното мислење на комисијата од корупциски аспект. Се фокусираше на тоа како е донесен законот за финансиска поддршка на инвестициите од страна на работна група на чие чело бил тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Понатаму, уште во одлуката на Антикорупциска се вели дека постоел висок ризик од незаконско влијание врз Комисијата бидејќи членовите не подлежат на пријавување на нивниот имот. Одобрена била помош за поранешен „Фени“ од 1 милион евра, но антикорупционерите и препорачале на Владата да го раскине овој договор што подоцна било извршено.

За комисијата од девет членови, во која била и Јовановска ДКСК утврдила:

„ДКСК цени дека службеното лице, во својство на Заменик Претседател на Владата на РСМ, задолжен за економски прашања ги координирал горе означените лица да ја обезбедат финансиската поддршка за инвестицијата, меѓутоа склучениот договор не е согласно со намената на инвестицијата. Склучен е спротивно на неговата намена“, се вели во одлуката на ДКСК.

Инаку Антикорупциска во 2019 та отворила предмет за Јовановска бидејќи била на три функции и укажала дека тоа е спротивно на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и дала рок од 15 денови ова да го промени. Но, таа одговорила дека порано била член на надзорен одбор, во моментот е на две позиции, но не е избрано или именувано лице па не се наоѓа во состојба на судир на интереси. И покрај тоа што ДКСК утврдила дека Јовановска сепак сторила прекршок не можела да и поднесе пријава и предметот го затворила поради застареност.

Анѓушев: Не ми го спомнувајте името!

Радио Слободна Европа комуницираше со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој сега повторно е бизнисмен. Не сакаше да дава одговори на неколкуте прашања кои РСЕ му ги постави и не упати одговори да најдеме во Владата на РСМ.

За него „нејасно е нивното адресирање до приватното лице Кочо Анѓушев, кое нема обврска да дава јавни мислења и коментари по завршување на неговиот мандат, за настани што се случиле по неговиот мандат, за лица кои престанале да бидат негови соработници и за нивни лични настани случени по истекувањето на нивниот мандат“.

Сепак додава дека ако воопшто го има во нашиот текст ќе му нанесеме штета него и на неговата работа.

„Споменувањето на името на Кочо Анѓушев во контекст на текст кој имплицира недоследности во државни институции настанати во време кога не бил на функција односно по завршување на неговиот мандат, ќе нанесе штета на лицето и на неговата работа, без за тоа да има јавна оправданост“, се вели во одговорот од Анѓушев испратен преку прес службата на неговата компанија Фероинвест.

Анѓушев во политика дојде од бизнис секторот како сопственик на удели во неколку компании, а во 2014 година Американското економско списание Форбс го прогласи за еден од петте најбогати Македонци. Во владата на премиерот Зоран Заев беше од јуни 2017 до јануари 2020 а после само еден месец од доаѓањето на функција негова советничка станува Софче Јовановска. Министрите имаат право на посебни советници кои се вработени во нивните кабинети додека трае нивната функција, но тие не се именувани лица туку се вработени по Законот за вработените во јавниот сектор.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG