Достапни линкови

Вести

Столтенберг во посета на Киев, Зеленски повика на побрза испорака на оружје

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничка прес-конференција во Киев, 29 април 2024 година.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничка прес-конференција во Киев, 29 април 2024 година.

На 29 април, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Столтенберг на заедничка конференција со медиумите оцени дека неколкумесечното доцнење на воената помош од Соединетите Американски Држави (САД) за Украина „има сериозни последици на бојното поле“, пренесе Агенцијата Франс Прес.

Столтенберг изјави дека „на пат е повеќе воена помош“ и дека „не е доцна“ Украина да победи во војната.

„Украина со месеци е отфрлена од оружје, принудена да ја рационализира својата муниција... Но, не е доцна Украина да победи“, рече Столтенберг на заедничката конференција со украинскиот претседател.

Зеленски, од друга страна, повика на побрза испорака на оружје со цел Украина да се спротивстави на руската офанзива. Тој изјави дека во Украина почнало да пристигнува „витално оружје“ од САД, но во мали количини.

„Заедно мора да ја прекинеме руската офанзива. Брзината на снабдување со оружје буквално значи стабилизација на линијата на фронтот“, рече Зеленски на прес-конференцијата.

САД минатата недела одобрија пакет помош од 61 милијарда долари за Украина, ставајќи крај на повеќемесечниот ќорсокак во Конгресот за поддршка на Киев, кој се соочува со ниски залихи артилериски гранати.

Врховниот командант на Украина на 28 април изјави дека неговите војници се повлекле од три села на истокот каде руските сили се во офанзива и постепено зајакнуваат.

„Руската војска сега се обидува да ја искористи ситуацијата додека чекаме испораки од нашите партнери“, рече Зеленски на 29 април.

Украинскиот лидер, исто така, ја истакна потребата од испорака на софистицирани американски системи за противвоздушна одбрана Патриот, кои Киев ги смета за клучни за одбрана на воздушниот простор на Украина од руски ракетни напади.

види ги сите денешни вести

Состојбата на словачкиот премиер Фицо „се уште многу сериозна“

Словачкиот премиер Роберт Фицо.
Словачкиот премиер Роберт Фицо.

Два дена по обидот за атентат, состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо на 17 мај „останува многу сериозна“, изјави неговиот заменик и близок соработник Роберт Калинак.

Фицо беше хоспитализиран по пукањето во средата, коешто се случи додека 59-годишниот премиер на Словачка разговараше со граѓаните по состанокот во централниот град Хандлова.

„Повторно беше опериран, имаше операција речиси два часа“, изјави за новинарите пред болницата во Банска Бистрица вицепремиерот Роберт Калинак.

Фицо претходно имаше петчасовна операција набргу откако од местото на нападот беше пренесен во болница со хеликоптер.

Директорот на болницата во Банска Бистрица рече дека Фицо останал „свесен“, иако е во „тешка“ состојба.

Претходно, на 17 мај, локалните медиуми објавија дека словачката полиција извршила претрес во домот на мажот кој е обвинет за пукањето.

Полициските службеници го донесоа наводниот вооружен напаѓач, кој носел панцир и шлем, во станот што го делел со неговата сопруга во западниот град Левице, беше прикажано во видео од телевизијата Маркиза.

„Полицијата остана во станот неколку часа... Од станот таа изнесе компјутер и документи“, вели приватниот радиодифузер.

Полицијата за АФП изјави дека нема да ја коментира тековната истрага. Полицијата не го именуваше осомничениот, но медиумите го идентификуваа како 71-годишниот писател Јурај Цинтулу.

Тој во четвртокот беше обвинет за обид за убиство од прв степен во, како што велат властите, политички мотивиран напад.

„Станува збор за „волк-самец“ кој се активирал по претседателските избори бидејќи не бил задоволен од нивниот исход“, изјави министерот за внатрешни работи Матус Сутај Есток.

Нападот ги поттикна стравувањата од натамошно насилство и нестабилност во политички поларизираната земја, само неколку недели пред изборите за Европскиот парламент, пренесува АФП.

Официјалните лица во Словачка ја повлекоа врската со политичката ситуација во земјата, со нејзината политичка сцена нарушена со дезинформации за време на неодамнешните изборни кампањи.

Фицо, четирикратен премиер и политички ветеран, се врати на функцијата во октомври.

Оттогаш тој даде серија изјави кои ги влошија врските меѓу Словачка и соседна Украина, откако го доведе во прашање суверенитетот на земјата.

Откако тој беше избран, Словачка престана да испраќа оружје во Украина, која Русија ја нападна во 2022 година.

Палевски ќе биде спорведен на распит во Кривичниот суд

Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Основниот кривичен суд Скопје денеска доби официјално известување од Истражниот затвор Скопје за екстрадицијата на Љупчо Палевски, којшто е првоосомничен за случајот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Жежовски (74). Палевски прво ќе биде спроведен до Кривичниот суд за да се изјасни за мерката притвор која му беше веќе определена, откако на 5 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија.

Од судот соопштуваат дека денеска добиле и известување и барање за ангажирање на адвокат кој ќе го застапува Палевски во текот на постапката. Според законите во Северна Македонија, судот ги издава сите дозволи поврзани со истражната постапка и ги доставува до предложените адвокати за нивно понатамошно постапување.

„Дополнително, судија на претходна постапка во координација со надлежниот Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово произнесување во однос на околностите во предлогот на Јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде известена“, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Истрагата за случајот, кој што го води Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, е во завршна фаза. Палевски повеќе од пет месеци помина во екстрадициски притвор во Турција, откако беше фатен од турската полиција.

Палевски се гони за две грабнувања и две убиства на свиреп начин. Осомничени се и тројца соизвршители за овие дела, како и таткото на Вања Ѓорчевска кој се товари за помагање во грабнувањето на девојчето. За помагање во бегството, обвинителството сомничи уште едно лице.

Истрагата на Обвинителството беше отворена на 3 декември, откако случајот притви Палевски и останатите осомничени беше отворен по пријавата за исчезнувањето на малолетната Вања на 27 ноември, утрото кога таа не се појави на училиште.

Исчезнувањето со денови ја брануваше македонската, но и јавноста во регионот, а медиумите и социјалните мрежи беа преплавени со вести и апели се до 3 декември кога нејзиното тело беше пронајдено во околината на Скопје.

Истиот ден беше кобен и за семејството на Панче Жежовски бидејќи полицијата соопшти дека неговото тело го пронашле во близина на Велес. Тој бил пријавен за исчезнат три дена пред Вања – на 24 ноември.

Палевски беше во бегство во Турција, а избегал во таа земја преку Србија и Бугарија, избега во Турција. Турската полиција успеа да го фати кај градот Балибекир на 5 декември 2023 година. Тој на 15 мај годинава беше екстрадиран во Северна Македонија.

Пред затворање на истрагата и поднесување на обвинение, Палевски треба да биде сослушан и во обвинителството. По евентуалното обвинение, тоа ќе оди на оценка во судот и ако добие зелено светло, ќе стартува судски процес. Во меѓувреме тој во притвор се чува под посебни безбедносни мерки.

Познат политички аналитичар бега од Русија поради обвинувања за антируски активности

Александар Сунгуров, претседател на Хуманитарно-политички центар „Стратегија“
Александар Сунгуров, претседател на Хуманитарно-политички центар „Стратегија“

Александар Сунгуров, руски политички аналитичар и професор на Високата школа за економија, побегна од Русија откако про-Кремљ режисерот Никита Михалков го обвини за антируски активности, изјави еден од студентите на Сунгуров на 17 мај.

Михалков неодамна во својата ТВ емисија изјави дека фондацијата „Стратегија“ предводена од Сунгуров добила финансиска поддршка од странство и мора да биде означена како „странски агент“.

Сунгуров поднесе оставка од Вишата економска школа во Санкт Петербург.

Неговата страница е отстранета од веб-страницата на универзитетот.

Тој од 2005 година е раководител на Катедрата за применети политички науки на тој факултет.

Од 1994 година, Сунгуров ја води „Стратегија“ - либерален аналитички центар во Санкт Петербург.

Тој работеше и како експерт за Советот на Европа и Европската Унија.

Судски совет: Судската власт е независна, секое мешање е опасно за демократијата

Судски совет
Судски совет

Судската власт е самостојна и независна и секое мешање во судството и во судската власт носи со себе сериозна опасност по демократијата, правната сигурност и владеењето на правото, велат од Судскиот совет на најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нивна цел е да го распуштат Судскиот совет и самите судии и обвинители преку тајно гласање да ги избираат своите преставници во Советот.

„Судскиот совет не се впуштa во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено, Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото, како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ“, велат од Судскиот совет.

Оттаму нагласуваат дека се свесни за состојбите во судството, за нивото на доверба и за се она што како недостиг се става на товар на судството.

„Критиките ги прифаќаме, меѓутоа, исто така убедени сме дека судството во Република Северна Македонија има капацитет да ги надмине состојбите без реформи и резови за кои никој не може однапред да ги предвиди ефектите кои ќе бидат предизвикани. Реформи заради реформи никому не му се потребни и истите само ќе ги вратат неколку чекори назад процесите и активностите кои Судскиот совет ги превзема во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а се во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза“, нагласуваат од Судскиот совет.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во обраќање на Самитот „Македонија2025“ вчера рече дека главен предизвик на идната влада ќе бидат реформите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и дека нивна цел е да ги распуштат оние кои довербата во правниот систем ја свеле на едноцифрена бројка проценти и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање.

Мицкоски потенцираше дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да поставува и предлага свои луѓе преку измени во законот, ниту пак има намера да се меша во овие две тела.

Украина објави дека Русија го уништува градот Вовчанск

Постара жена евакуирана од областа Вовчанск, 12 мај 2024 година
Постара жена евакуирана од областа Вовчанск, 12 мај 2024 година

Руските сили почнаа да го „уништуваат“ украинскиот град Вовчанск, а сите освен 200 жители на градот побегнаа од нападот, изјави гувернерот на регионот на 17 мај.

Москва минатата недела изврши ненадеен копнен напад врз североисточна Украина, напредувајќи кон неколку населени места, вклучувајќи го и Вовчанск, на само пет километри од границата.

„Непријателот почна да го уништува градот. Не само што е опасно да се биде таму, туку е невозможно“, рече гувернерот на Харкивската област Олег Синегубов на брифинг.

Тој рече дека руските сили се обидуваат да го опколат градот, кој пред војната имал околу 18.000 жители и дека украинските сили даваат „отпор“.

Началникот на армијата Олександр Сирски изјави дека Русија ја проширила својата „борбена зона“ за 70 километри и се обидува да ја принуди Украина да ги повлече војниците од своите резерви.

„Разбираме дека нè очекуваат тешки битки и дека непријателот се подготвува за тоа“, рече тој.

Украина евакуираше речиси 9000 луѓе во текот на неделата, откако руските сили ја преминаа границата на 10 мај, испукувајќи силен артилериски оган врз неколку села.

Претставник на украинската полиција во четвртокот ги обвини руските војници дека заробиле десетици цивили во Вовчанск и ги користеле како „човечки штитови“ за одбрана на нивниот команден штаб.

АФП не можеше веднаш да го потврди тврдењето.

Руските војници претходно беа обвинети за егзекуција на цивили во делови на Украина што ги заробиле и контролирале од инвазијата во февруари 2022 година. Во април 2022 година, телата на десетици цивили, некои со врзани раце, беа пронајдени во киевското предградие Бух по неколкумесечната окупација од страна на руските сили.

Израел соопшти дека обвинувањата на Јужна Африка за геноцид се неосновани

Појасот Газа
Појасот Газа

Израел ја бранеше воената неопходност од својата офанзива во Газа пред Меѓународниот суд на правдата (МПС) на 17 мај, откако Јужна Африка побара од судиите да му наредат да ги прекине операциите во Рафа и целосно да се повлече од палестинските територии.

Службеникот на израелското Министерство за правда Гилад Ноам го нарече случајот на Јужна Африка, кој го обвинува Израел за кршење на Конвенцијата за геноцид, „целосно надвор од фактите и околностите“ и рече дека „ја исмејува конвенцијата“.

Тој го нарече случајот „безобразна експлоатација на најсветата конвенција“, мислејќи на меѓународниот договор за забрана на геноцид договорен по холокаустот на европските Евреи во Втората светска војна.

Конвенцијата бара од сите земји да дејствуваат за да го спречат геноцидот, а МСП, познат и како Светски суд, кој ги разгледува споровите меѓу државите, пресуди дека тоа и дава право на Јужна Африка да го покрене случајот.

Во претходните пресуди, судот ги отфрли барањата на Израел да го отфрли случајот и му нареди на Израел да спречи акти на геноцид врз Палестинците, но не му нареди да го запре нападот.

Пред израелската презентација, неколку десетици про-израелски демонстранти се собраа надвор и ги покажаа фотографиите на заложниците што ги зедоа борците на Хамас на 7 октомври и бараа нивно ослободување. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Јужноафриканскиот правен тим, кој го претстави својот случај за нови итни мерки претходниот ден, ја прикажа израелската воена операција како дел од геноциден план чија цел е уништување на палестинскиот народ.

Амбасадорот на Јужна Африка во Холандија, Вусимузи Мадонсела побара од судот да му нареди на Израел „веднаш, целосно и безусловно да ја повлече израелската армија од целиот Појас Газа“.

Израелскиот официјален претставник Ноам рече дека израелските воени операции не биле насочени кон цивили, туку кон терористите на Хамас кои го користат Рафа како упориште, кои имаат тунелни системи кои можат да се користат за шверцување заложници и милитанти од Газа.

Примерите за наводното прекршување на конвенцијата од страна на Израел презентирани од Јужна Африка „не се доказ за политика на незаконско однесување, а не пак за политика на геноцид. Наредбата на Израел да ги повлече своите војници ќе ги осуди на смрт преостанатите заложници во Газа“, рече Ноам.

Војната започна кога милитантите на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи 1200 луѓе и киднапирајќи 253 луѓе. Повеќе од 35 000 Палестинци загинаа во израелските напади, според Министерството за здравство во Газа, кое го предводи Хамас.

Одлуката за барањето за вонредни мерки се очекува следната недела.

Северна Кореја истрела балистички ракети откако негираше испорака на оружје за Русија

илустрација
илустрација

Северна Кореја истрела неколку сомнителни балистички ракети со краток дострел, неколку часа откако сестрата на севернокорејскиот лидер ги негираше тврдењата дека Пјонгјанг и испорачува оружје на Русија, соопшти Јужна Кореја.

Лансирањата се најнови во серијата сè пософистицирани тестови од страна на Северна Кореја, која истрела крстосувачки ракети, тактички ракети и хиперсонично оружје во последниве месеци, што е како што наведува оваа нуклеарно вооружената земја, надградба на нејзините одбранбени способности.

Сеул и Вашингтон ја обвинија Северна Кореја за испраќање оружје на Русија, што би прекршило низа санкции на Обединетите Нации за двете земји, а експертите велат дека неодамна тестираното оружје може да биде наменето за употреба на боиштата во Украина.

Војската на Јужна Кореја во петок (17 мај) соопшти дека открила лансирање на, како што ги опиша, „неколку летечки објекти за кои се верува дека се балистички ракети со краток дострел“ од областа Вонсан во близина на источниот брег на Северна Кореја.

Ракетите патувале околу 300 километри, соопшти генералштабот, додавајќи дека војската „ја зголемила будноста и надзорот како подготовка за дополнителни лансирања“ и споделувала информации со сојузниците САД и Јапонија.

Лансирањето дојде само неколку часа откако сестрата на Ким, Ким Јо Јонг, ги обвини Сеул и Вашингтон за „залажување на јавното мислење“ со постојано обвинување дека Пјонгјанг испраќа оружје во Москва за употреба во Украина.

Тестовите беа одржани додека рускиот претседател Владимир Путин е во дводневна посета на Кина, чија цел е да ја зајакне трговијата со Пекинг (најважниот сојузник на Северна Кореја) и да добие поголема поддршка за неговите воени напори во Украина.

Тестовите се случија и еден ден откако напредните јужнокорејски и американски стелт-ловци, вклучително и Ф-22 Рапторс, одржаа заеднички воздушни борбени вежби.

Ваквите вежби обично го разбеснуваат Пјонгјанг, кој на нив гледа како на проба за инвазија.

Северна Кореја претходно истрела балистички ракети со краток дострел од нејзиниот источен брег на 22 април.

Серијата санкции на Обединетите Нации и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистичка технологија, но нејзиниот клучен сојузник Русија го искористи ветото на Советот за безбедност на ОН во март за ефективно да го прекине мониторингот на ОН, за што Пјонгјанг конкретно и се заблагодари на Москва.

Северна Кореја долго време се обидува да совлада понапредни хиперсонични технологии и технологии на цврсто гориво за да им овозможи на своите ракети да ги неутрализираат јужнокорејско-американските ракетни одбранбени системи и да ги загрозат регионалните воени бази на САД.

Хиперсоничните проектили се побрзи и можат да маневрираат при лет, што го отежнува следењето и пресретнувањето, додека ракетите со цврсто гориво не треба да се напојуваат пред лансирањето, што ги отежнува пронаоѓањето и уништувањето и побрзи за употреба.

По протестите против законот за „странски агенти“, во Тбилиси марш за семејството

Марш по повод Денот на семејната чистота, Тбилиси, 17 мај 2024 година
Марш по повод Денот на семејната чистота, Тбилиси, 17 мај 2024 година

Високи свештеници на Грузиската православна црква и конзервативни верски групи денеска (17 мај) го одбележаа новововедениот празник „Ден на семејната чистота“ со марш по централната авенија во Тбилиси, која беше место на неколкунеделни протести поради усвоениот закон за „странски агенти“.

Денот на чистотата на семејството е основан од Грузиската православна црква во 2014 година како одговор на Меѓународниот ден против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата (IDAHOBIT), кој се одбележува секоја година на 17 мај за да се подигне свеста за кршењето на правата на ЛГБТ ширум светот.

Со цел да се избегне конфронтација, не беа закажани собири против законот за „странски агенти“ за време на маршот за Денот на семејната чистота, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Маршот на Денот на семејната чистота, кој оваа година е неработен ден, е поддржан од владејачката партија Грузиски сон, која во март го протурка нацрт-законот за ограничување на правата на ЛГБТ луѓето, само неколку недели пред да го врати законот за „странски агенти“. на парламентарна процедура која наликува на драконски руски закон.

Законот за ограничување на правата на ЛГБТ забранува трансродови операции, посвојување деца од истополови двојки, назначување на пол различен од машкиот и женскиот пол во официјалните документи и организирање јавни настани кои се залагаат за истополови врски.

Двата закони се сметаат за обиди на Грузискиот сон, основан од милијардерот Бидзина Иванишвили, пријател на Русија, да ја консолидира својата моќ пред изборите закажани за октомври.

Грузијци отпуштени од работа поради протестирање
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:00 0:00

На 17 мај, претседателот на парламентот Шалва Папуашвили објави честитка на социјалните мрежи, додка официјални лица најавија учество на маршот.

Вниманието посветено на настанот се чини дека е обид да се минимизира влијанието на повеќенеделните масовни протести поради контроверзниот закон за „странски агенти“ усвоен од парламентот претходно оваа недела.

Прозападната претседателка Саломе Зурабишвили, која е во судир со Грузиски сон, рече дека законот е „неприфатлив“ и „не е во согласност“ со евроатлантската интеграција на земјата.

Законот беше критикуван од САД, Европската Унија и организациите за човекови права поради сличностите со рускиот закон што претседателот Владимир Путин го користеше за да ја задуши опозицијата, невладините организации и медиумите.

Започна испораката на помош за Газа преку понтонскиот мост што го изградија САД

илустрација
илустрација

Камиони со неопходна помош за Појасот Газа во петок (17 мај) почнаа да го преминуваат понтонскиот мост изграден од Соединетите Држави, откако израелските ограничувања на граничните премини и тешките борби ја попречија испораката на храна и други залихи за опколената палестинска енклава.

Испораките се први во операцијата за која американските воени претставници предвидуваат дека може да се зголеми до 150 камиони дневно што влегуваат во Појасот Газа.

Израел во моментов врши притисок врз градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, каде се наоѓа клучниот граничен премин со Појасот Газа, преку кој се носеше помош, но кој е затворен откако Израел ја презеде контролата над него.

На окупираниот Западен Брег, десетици израелски демонстранти нападнаа камион во обид да спречат помошта да стигне до Газа во четвртокот, претепувајќи го неговиот возач и запалувајќи го.

Израелската армија соопшти дека војниците пристигнале подоцна на местото на настанот и се обиделе да ги одвојат напаѓачите од возачот и да пружат медицинска помош. Армијата соопшти дека демонстрантите потоа ги нападнале војниците, при што полесно биле повредени двајца офицери и еден војник.

Израелските медиуми јавија дека камионот превезувал обична комерцијална стока, а не помош за Газа.

Во седуммесечната војна во Појасот Газа, според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас, кој САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, загинале повеќе од 35 000 луѓе.

Војната започна на 7 октомври кога Хамас го нападна јужниот дел на Израел, убивајќи околу 1200 луѓе и земајќи околу 250 заложници, според израелските податоци.

Во Молдавијa претседателски избори и референдум за членство во ЕУ во октомври

Седница на молдавскиот парламент, 16 мај 2024 година
Седница на молдавскиот парламент, 16 мај 2024 година

Молдавските пратеници го одредија 20 октомври како датум за претседателски избори и референдум за пристапување на земјата во Европската Унија.

Прозападната претседателка Маја Санду, чиј прв претседателски мандат завршува на 24 декември, ја објави својата намера да се кандидира за нов мандат, објави молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Водачите на опозициските социјалисти и комунисти, пријателски настроени кон Москва, изјавија дека водат разговори за предлагање заеднички претседателски кандидат.

Санду, која го победи прорускиот кандидат Игор Додон во ноември 2020 година, оттогаш ја сврте Молдавија цврсто кон Западот.

Во декември 2023 година, Европската Унија одлучи да ги отвори пристапните преговори за Молдавија, која е една од најсиромашните земји во Европа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG