Достапни линкови

Новинарите меѓу полицијата и демонстантите


Протест на новинарите во Скопје. октомври 2013.
Протест на новинарите во Скопје. октомври 2013.

Насилството врз новинарите не само што не се санкционира, туку и се поттикнува, затоа што сакаат да ги дискредитираат новинарите со цел јавноста да не им верува, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Принудно бришење на снимените материјали од протестите пред месец и половина во Ѓорче Петров, а на минатонеделните и приведен новинар. На ова се жалат претставниците на медиумската заедница по овие два посериозни протести, а полицијата пак ги демантира нивните тврдења.

Министерството за внатрешни работи има исклучително коректна и транспарентна соработка со медиумите и со новинарите.
Иво Котевски, портпарол на МВР.

Портпаролот Иво Котевски за првиот случај вели дека новинарките не поднеле доволно докази, а за вториот како што нагласува не новинарот, туку приправник немал професионална легитиматиција и не бил приведен за неговата новинарска работа, туку како што тврди за учество во толпа.

Нереди во Ѓорче Петров.
Нереди во Ѓорче Петров.

„Доколку се земе бројот на јавни собири, на протести кои се одржани, воопшто не станува збор за некакви чести случаи, напротив Министерството за внатрешни работи има исклучително коректна и транспарентна соработка со медиумите и со новинарите“, вели портпаролот на МВР.

Јас се сомневам дека насилството врз новинарите не само што не се санкционира, туку и се поттикнува, затоа што сакаат новинарите во јавноста да ги дискредитираат, со цел јавноста да не им верува, затоа што имаат проблеми со вистината.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Но Здружението на новинари на Македонија, пак, изрази сериозна загриженост што во Македонија се воспоставува една, како што наведоа, крајно недемократска пракса многу лесно да се приведуваат новинари без да се обезбедуваат цврсти докази. Според претседателот на ЗНМ Насер Селмани образложенијата на полицијата дека ги расчистила случувањата со новинарите биле несериозни.

„Јас мислам дека проблемот не е кај новинарите, еве ќе ви кажам и пример, сите досегашни случаи на насилство врз новинарите не е расчистен. Јас се сомневам дека насилството врз новинарите не само што не се санкционира, туку и се поттикнува, затоа што сакаат новинарите во јавноста да ги дискредитираат, со цел јавноста да не им верува, затоа што имаат проблеми со вистината“, вели Селмани и оценува дека кога имало вакви настани новинарите биле меѓу два огна, демонстрантите и полицијата и затоа апелира да се испраќале поискусни и обележани новинари на протести.

Доколку има намера, тенденција да се отстранат новинарите, за да не бидат сведоци на таквите случувања, тогаш е неприфатлив таквиот аргумент или таков еден однос на полицијата кон тие што треба објективно и коректно да информираат.
Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.

Но според поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов веројатно кога има такви случувања е тешко да се направи селекција кој е новинар, а кој протестант и поради тоа и тој сугерира медиумските работници да носат обележја, како на пример елечиња. Сепак и покрај тоа што ова се случува во последниов период вели дека не може да извлече конкретен заклучок дали има заострување на односот кон новинарите.

„Мора да постои условно кажано соработка меѓу новинарите и полицијата, се со цел да нема инциденти, а доколку има намера, тенденција да се отстранат новинарите, за да не бидат сведоци на таквите случувања, тогаш е неприфатлив таквиот аргумент или таков еден однос на полицијата кон тие што треба објективно и коректно да информираат“, смета Трајанов.

Покрај ЗНМ за овие две случувања реагираа и меѓународните здруженија. Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиуми Дуња Мијатовиќ изрази длабока загриженост поради односот на полициските службеници кон новинарските екипи за време на протестите во Ѓорче Петров, а за приведувањето на новинарот на весникот Лајме во саботата реагираше Европската федерација на новинари која побара од властите да обезбедат амбиент во кој ќе може непречено да се известува.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG